Започна консултативниот процес за измени на регулативата за вработените во јавниот сектор
Министерството за информатичко општество и администрација организираше работилница со цел започнување на консултативниот процес за измени на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за административните службеници.
Како што истакна на оваа работилница државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија, институциите кои се опфатени со Законот за вработените во јавниот сектор имаа можност да ги претстават ставовите и предлозите во однос на прашањата кои во текот на изминатиот период на имплементација предизвикаа различни гледишта и толкувања.
Тоа се прашањата за опфатот на институциите од јавниот сектор, класификацијата на вработените, нивните права и должности, Каталогот на работни места, актите за внатрешна организација и систематизација на работните места, Регистарот на вработените, изготвувањето на годишните планови за вработување, видовите на вработувања, како и мобилноста во јавниот сектор. Очекувањата од оваа работилница се да се дебатира отворено за сите отворени прашања што ги засегаат институциите опфатени со Законот за вработените во јавниот сектор. Од заклучоците ќе произлезат препораките за измени на овие два закони.
Ова е втора работилница од овој тип во организација на МИОА. Врз основа на претходните дискусии беа идентификувани клучните проблеми во имплементацијата на законите и беа предложени решенија за нивно надминување.
Министерството и во периодот што следува останува отворено за сите предлози насочени кон унапредување на регулативата, што ќе овозможи понатамошен развој на јавната служба и управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор.
Работилницата се одржува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како традиционален партнер на Министерството во бројни активности поврзани со реформата на македонската јавна администрација.
M.В