Започна постапката за вработување на 1.600 лица од ранливи категории
Среда, 22 мај 2013 – Стартуваше реализацијата проектпот за вработување лица од социјално ранливи категории во јавниот сектор. Денеска е објавен огласот за вработување 1.600 лица во Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Oгласот трае до 22 јуни годинава и на него може да се јават сите лица кои ги исполнуваат условите, односно долгорочно невработени лица со над 10 години, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства, невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.
„Владата има изразена политичка волја дека на овој оглас сите лица кои ги исполнуваат критериумите се добродојдени, сите имаат еднакви шанси и можности. Нема да постои дистинкција по ниту еден основ, а секој обид за лобирање и протекционизам ќе се смета за негативно“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Според укажувањата на владиниот портпатол желбата за вработување и интенција ќе се реализира така што заинтересираните треба да аплицираат и тоа не само за местата што постојат во систематизацијата на „Македонски шуми“, туку и врз основа на своите перформанси и за вработување во останатите државни институции, бидејќи откако сите лица ќе бидат вработени во Јавното претпријатие, врз основа на искажани потреби од други државни институции лицата ќе бидат повлекувани во нив.
Како што додаде, досега имаат добиено податоци од институциите за потреба од ангажирање дактилографи, стенографи, чувари, обезбедувачи на објекти, курири, доставувачи на пратки, советнички, соработнички места и слично.
Од Владата велат дека во претпријатието постои програма и систематизација за прием на овие лица, а обезбедени се и средства за покривање на нивните потреби.