Стартуваше судењето за бруталното силување што ја крена на нозе цела Индија
Четврток, 24 јануари 2013 – Зад затворени врати, со аргументи од страна на обвинителството и одбраната стартуваше судењето на петте мажи обвинети за силување и убиство на младата жена во автобус во Њу Делхи минатиот месец. Шестиот обвинет бидејќи е малолетник ќе биде изведен пред суд за малолетници.
Петте мажи кои се соочени со смртна казна – бесење доколу бидат осудени, во големиот судски комплекс во Њу Делхи обезбедуван од полиција пристигнаа со волнени капи преку нивните лица. Два часа по завршувањето на рочиштето, детали од претресот сепак не беа достапни. Судницата беше затворена за јавноста и медиумите, а забрана да изнесуваат детали имаше и за адвокатите – рутински потег во индиските случаи каде има силување, иако бранителите на обвинетите бараа постапката да се отвори бидејќи жртвата на силување е мртва.
Случајот за бруталното групно силување што се случи во автобус на 16 декември 2012 година во Њу Делхи ја шокираше јавноста и предизвика бран од протести во целата Индија. По неколку дена случајот доби продолжение, полицијата информираше дека откако ја силувале, ја фрлиле од автобусот и се обиделе да ја прегазат.
Владината комисија формирана по убиството повика на комплетна реформа на начинот со кој кривичниот систем се справува со силувања, сексуални напади и злосторства против жените воопшто.