Започнаа Деновите на финансиска писменост

На платото на Министерството за финансии, по повод одбележувањето на Деновите на финансиска писменост, денеска се организираше настан на кој со свои штандови учествуваа банките, осигурителните компании, штедилниците, како и институциите од Телото за финансиска едукација – Министерството за финансии, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и МАПАС.

На настанот присуствуваа и првите луѓе на институциите од Телото за финансиска писменост – министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенција за супервизија на осигурувањето, Климе Поповски, и претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.

Целта на настанот е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да зголеми свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека се преземаат активности за финансиска едукација на различни целни групи.

„Изминатиот период опфатени се повеќе основни и средни училишта, но одржани се и стручни предавања на факултетите. Преземаме активности за поголема финансиска инклузија. За таа цел во изработка е Законот за платежни услуги и платни системи, кој го подготвуваме во соработка со Народната банка. Тој предвидува воведување на платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Исто така, со законот ќе се воведат решенија што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги“, рече министерот Тевдовски и посочи дека Министерството презема и мерки за заштита на правата на потрошувачите преку совети за безбедно користење на финансиските услуги.

Инаку, активностите на институциите за Деновите на финансиска писменост продолжуваат и следните неколку дена. Во Народната банка ќе има инфо-пулт до петок од 10:00 до 13:00 часот. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека централната банка презема низа активности за проширување на знаењето на помладите генерации, но и на повозрасното население.

„Во рамки на годинешново издание на оваа веќе традиционална манифестација, Народната банка ќе спроведе концепт поразличен од претходните ‒ концепт на отворени врати за сите заинтересирани граѓани. Имено, во следните три дена, во рамките на Деновите на финансиската писменост, Народната банка ќе одржи информативно-едукативни презентации за возрасната популација за дел од своите клучни функции: монетарната политика,  банкарскиот систем и платниот систем и платежните услуги. Сите заинтересирани граѓани ќе може да го посетат инфо-пултот во Народната банка заради добивање одговори на прашањата коишто се во доменот на централнобанкарското работење“, рече Ангеловска-Бежоска.

Информативни пултови по повод Деновите на финансиска писменост ќе има и во експозитурите и филијалите во дел од банките во земјава.

Претседателката на КХВ, Нора Алити, најави дека граѓаните ќе можат следните три дена да се информираат и на пултот кој ќе биде поставен во Комисијата.

„Во наредните три дена пред платото на седиштето на Комисијата ќе има инфо-пулт, каде што сите граѓани ќе можат да добијат одговор на сите прашања во врска со работата на регулаторот на пазарот на хартии од вредност, финансиските инструменти, заштитата на акционерските права. Во оваа кампања се вклучени и Македонската берза, Централниот депозитар на хартии од вредност, брокерските куќи, дирекциите кои работат со хартии од вредност во банките, како и друштвата за управување со инвестициски фондови, кои во наредните три дена ќе бидат отворени за граѓаните“, рече Алити.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување – МАПАС, Максут Али, истакна дека тие како институција за Деновите на финансиска писменост упатиле јавен повик до граѓаните за отворени денови во оваа институција. Од утре сите граѓани ќе можат да се информираат за прашањата поврзани со капитално пензиско осигурување во просториите на МАПАС, но и кај пензиските друштва, истакна тој.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски, истакна дека Агенцијата уште од самото формирање се залага за унапредување на финансиската писменост, организирање на финансиски едукативни активности, подготовка на информативни брошури и интерактивни игри за децата, преку кои ќе добијат повеќе знаење во областа на осигурувањето.

Инфо-пултовите пред Министерството за финансии ги посетија преку 300 ученици од основните и средните училишта, како и голем број заинтересирани граѓани.

Народната банка со јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации

Народната банка: Активности за поголема финансиска писменост по повод Глобалната недела на парите

М.В