/ Прочитано:

4.216

Започнува да се применува Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици

Денеска започнува да се применува Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици на територијата на Република Северна Македонија.

Со овој закон се уредуваат постапката и условите за регистрација на моторни возила за превоз на патници (категорија М), возила за превоз на товар (категорија N), возила на две и три тркала и квадрацикли (категорија L) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О), со странски регистарски таблици кои влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година и условите за користење на финансиските бенефиции за регистрација на овие возила.

Сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото кое ги исполнува законските услови регистрацијата ја врши врз основа на поднесено барање за регистрација.

Целта на овој закон е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50% од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи.

Одредбите од овој закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври оваа година и со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година.

„Со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра, кои ќе бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните“,  беше наведено во законското образложение.

Утврден Предлог-закон за регистрација на возила со странски регистарски таблички

М.В