Започнува кампања за новиот Закон за прекинување на бременоста: „Слобода е кога самата одлучуваш“
Денеска стартува кампањата „Слобода е кога самата одлучуваш“, со која ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување сака да ја подигне свеста за придобивките што ги носи неодамна усвоениот Закон за прекинување на бременоста.
„Преку анимирани видеа на социјалните мрежи и информативни постери коишто ќе бидат дистрибуирани во јавни и приватни здравствени установи низ земјата, кампањата ќе информира за позитивните законски промени кои во споредба со претходниот закон, но и со последните случувања во регионот и пошироко, значително ја унапредуваат репродуктивната слобода кај нас.
Со укинувањето на пристрасното советување и на тридневното чекање, кои досега беа задолжителни и токму затоа понекогаш и животозагрозувачки, добросостојбата на жената повторно е на прво место. Новиот закон предвидува воведување на медикаментозниот абортус (т.е. абортус со лекови) како уште една безбедна опција за прекинување на раната бременост, и тоа не само во болниците туку и во соодветно опремените гинеколошки ординации на примарно ниво, со што ќе се зголеми пристапноста до оваа здравствена услуга низ целата земја.
Со поместувањето на првостепената комисија, одлуката за абортус до 22 недела од бременоста ќе биде исклучиво одлука на жената, која повеќе нема ниту да мора да прибира документи од надлежните институции во случај на неочекувани социјално-економски околности или кога бременоста е последица на сексуално насилство.
Доследното спроведување на Законот за прекинување на бременоста, во чие изготвување учествуваше и ХЕРА како една од претставничките на Платформата за родова еднаквост, подразбира и подготовка на клиничко упатство за безбеден абортус, вклучувајќи го и медикаментозниот абортус, како и регистрирање на лековите за медикаментозен абортус.
Само со обезбедување квалитетна и достапна абортусна грижа ќе се намали стапката на нелегални абортуси, а репродуктивниот живот на жените, мажите и семејствата ќе стане безбеден и слободен“, информираат од ХЕРА.
Видеата се достапни на следните линкови: видео 1, видео 2, видео 3, видео 4, видео 5
Законот за прекинување на бременоста пред собраниската Комисија за здравство
Што се предвидува во новиот Предлог-закон за прекинување на бременоста усвоен на владина седница
Објавен текстот на Предлог-законот за прекинување на бременоста
Во подготовка Закон за прекинување на бременоста: Пациентката одлуката да ја донесе без принуда
Се подготвуваат измени на Законот за прекин на бременоста
М.В