/ Прочитано:

2.426

Започнува процедурата за именување на нов јавен обвинител на Република Македонија

Како што беше најавено минатата недела, Владата денеска треба да усвои заклучок со кој Владата ќе му предложи на Собранието да распише оглас за пријавување кандидати за нов државен јавен обвинител.

На прес-конференција посветена на постапката за избор на јавниот обвинител, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, ја образложи процедурата за именување на нов државен јавен обвинител, според која огласот трае 15 дена, по што процедурата повторно се враќа во Владата, која треба да избере еден кандидат од пријавените, кој потоа ќе му го предложи на Собранието кое треба да го избере со просто мнозинство од 61 глас.

„Изборот на новиот јавен обвинител ќе биде според потребите на граѓаните. Тој ќе ги почитува законот и Уставот на Република Македонија. Владата на наредната седница ќе постави предлог-заклучок за избор на јавниот обвинител. Собранието ќе треба да објави оглас во ‘Службен весник’, а пак Советот на јавни обвинители ќе треба да даде свое мислење, со што ќе донесе одлука за еден од кандидатите. Процедурата продолжува повторно во Собрание, каде што пратениците со просто мнозинство ќе треба да го изгласаат“, рече портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Од Јавното обвинителство, повикувајќи се на Законот за Јавното обвинителство, велат дека условите што треба да бидат исполнети за да стане едно лице јавен обвинител на Република Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати  во правни работи, односно е редовен/вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Постапка за именување на јавниот обвинител на Република Македонија

Во Законот за јавното обвинителство се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Според законски предвидената процедура,  Собранието на Република Македонија по предлог на Владата на Република Македонија го огласува именувањето на јавниот обвинител на Република Македонија во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весници од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнувањето на местото.

Ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати или ако од пријавените кандидати Владата на Република Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител на Република Македонија, може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Владата во вторник ќе ја започне процедурата за именување нов јавен обвинител на Република Македонија

Постапка за именување на јавниот обвинител на Република Македонија

Собранието го разреши јавниот обвинител Марко Зврлевски

Советот на јавни обвинители го прифати предлогот на Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски

Законските одредби за разрешување на јавниот обвинител на РМ по предлог на Владата на РМ

Владата одлучи да иницира постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски

М.В