/ Прочитано:

1.786

Започнува втората рунда преговори меѓу Велика Британија и ЕУ за Брегзит

Во фокусот на вториот дел од преговорите ќе биде прашањето за статусот на државјаните на Европската Унија во Велика Британија, како и на Британците кои сега живеат и работат во земјите членки на Унијата.

Втората рунда преговори за процесот на Брегзит започнува денеска во Брисел, а ќе трае до крајот на неделата. Во фокусот на овој дел од преговорите ќе биде прашањето за статусот на државјаните на Европската Унија во Велика Британија, како и на Британците кои сега живеат и работат во земјите членки на Унијата.

Пред почетокот на средбите, британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, изјави дека е време Велика Британија и Европската Унија да се зафатат со вистинската работа во врска со преговорите за излегувањето на Обединетото Кралство од европскиот блок.

„Направивме добар старт минатиот месец, па оваа недела ќе ги покренеме суштинските прашања“, изјави Дејвис во Лондон пред заминувањето во Брисел.

Брисел и ЕУ инсистираат на почетокот од процесот за Брегзит да се разрешат прашањата околу статусот на Европејците на британската територија, финансиското порамнување меѓу Унијата и Велика Британија, како и идниот статус на британско-ирската граница, па дури потоа да се покренат разговорите за идните европско-британски односи и за постигнување договор за слободна трговија.

Официјален Лондон уште од отворањето на процесот на Брегзит бараше преговорите да се водат „во пакет“ – при што во исто време ќе се разговара за „тековните прашања“ и за трговските врски по британското излегување од Унијата, но уште на стартот од преговорите тој попушти под притисокот од ЕУ.

„Сега и за нас е од приоритетно значење да им се обезбеди сигурност на Британците во Европската Унија, а истовремено да им се обезбеди сигурност и на европските државјани во Британија. Затоа ќе настојуваме за овие работи да постигнеме вистински напредок во оваа втора рунда од преговорите“, изјави министерот Дејвис.

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, претходно предупреди дека Брисел и Лондон сè уште имаат големи разлики околу ова прашање.

Изјавата на Барние уследи откако британската премиерка Тереза Меј најави дека Владата во Лондон сака на сите три милиони државјани на ЕУ во Велика Британија да им обезбеди статус на жителство.

Таквата британска понуда беше отфрлена од страна на Европската Унија, како неприфатливо решение, а претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го оквалификува предлогот на Меј како „помалку од очекуваното“.

А. Б.