/ Прочитано:

1.451

Заштита на децата од сексуално вознемирување преку пораки во Велика Британија

Пред речиси три години во британскиот Парламент е претставен Законот за тешки кривични дела кој според својата содржина е поделен на 6 дела кои се однесуваат на кривичната постапка, компјутерските кривични дела, организираниот криминал, справување со дрога и наркотици, заштита на децата и завршни одредби. Иако овој закон ги поминал собраниските процедури, сѐ уште не е стапен во сила во британското законодавство, поради што пратеничката од Лабуристичката партија Луис Хеј која воедно е и министер во сенка за дигитална економија, испратила писмо до министерката за правда Елизабет Трас, во кое се вели дека со доцнењето на примената на овој закон децата се оставаат во голем ризик.

Во јуни 2014 година пред британскиот Парламент бил претставен Законот за тешки кривични дела кој според својата содржина е поделен на 6 дела кои се однесуваат на кривичната постапка, компјутерските кривични дела, организираниот криминал, справување со дрога и наркотици, заштита на децата и завршни одредби.

Според фондацијата „NSPCC“ која е основана во далечната 1884 година и чија основна задача е заштита на децата од секаков вид насилство, законот, иако ги поминал собраниските процедури, сѐ уште не е стапен во сила во британското законодавство. Особен интерес на фондацијата е делот 5 од законот кој ја уредува заштитата на децата и забраната возрасно лице да праќа пораки со сексуална содржина на дете под 16- годишна возраст.

Во законот, во оддел 67, член 15а е пропишано дека лице со навршени 18 години возраст прави кривично дело доколку заради добивање на сексуално задоволство комуницира со друго лице, а таа комуникација е изнудена за второто лице да го натера на секс и доколку второто лице кон кое се врши комуницирањето е на возраст под 16 години.

Лицето што почнува комуникација заради овие цели може да се казни парично или со казна затвор од 12 месеци до 2 години.

Проблемот со овој закон е тоа што се доцни со неговата примена и сѐ уште не е определен датумот кога тој ќе почне да се применува. Пратеничката од Лабуристичката партија Луис Хеј која воедно е и министер во сенка за дигитална економија, испратила писмо до министерката за правда Елизабет Трас, во кое се вели дека со 2-годишното доцнење на примената на овој закон децата се оставаат во голем ризик.

Хеј за весникот „Гардијан“, исто така, вели дека актуелниот министер за дигитална економија, кој треба да се грижи за онлајн безбедноста на граѓаните, се чини дека не е свесен за важноста на законот и истовремено сугерира дека владата постојано размислува за законот, а всушност не презема ништо за отпочнување со негова примена.

И извршниот директор на „NSPCC“ Питер Вонлес апелира дека повеќе од 2 години бараат законот да почне да се применува и да се спречи возрасни лица да праќаат експлицитни пораки со сексуална содржина на децата, но тој сѐ уште се одолговлекува. Тој во својата изјава за „Гардијан“ дополнува дека колку што повеќе поминува време во пролонгирањето на примената на законот, толку повеќе се зголемува опасноста од заведување на децата од страна на педофилите.

Во 2014 година, кога сегашниот премиер Тереза Меј ја извршувала функцијата министер за внатрешни работи, се залагала за што побрзо донесување на ваков закон, со цел да се спречат потенцијалните педофили да ги малтретираат децата, без да се соочат со казна.

Оваа година Министерството за внатрешни работи на Велика Британија планира да основа фонд за заштита на децата од трговија со луѓе и да додели 2.2 милиони фунти на седум фондации кои работат на заштита на децата, за проекти од таа област.

С. М.