/ Прочитано:

2.697

Заштита на децата жртви во постапките пред граѓанските судови

Од аспект на конвенциското право, клучен документ за заштита на правата на децата е Конвенцијата за правата на децата на Генералното собрание на ОН, која го опфаќа целокупниот систем на заштита на правата на децата (граѓански, културни, економски и социјални права).

Одредбите на Конвенцијата ги поставуваат начелата на еднаквост на правата на децата, сознанието за тоа, обезбедувањето заштита и вклучување на сите институции во давањето на заштитата. Конвенцијата за правата на детето има вкупно 54 члена. Членовите 43 – 54 се однесуваат на тоа како треба да соработуваат возрасните и владите за да се погрижат сите деца да ги остварат своите права. Конвенција е договор меѓу земји со кој земјите се обврзуваат да го почитуваат истиот закон. Владата на една земја кога ќе ја ратификува Конвенцијата, тоа значи дека се согласува да ги почитува правата предвидени со неа.

Поаѓајќи од вредностите, правата и обврските што произлегуваат од конвенциското право, како и од уставните определби, во Република Македонија заштитата на децата ја регулира Законот за заштита на децата.

Од граѓанскоправен аспект, вели судијата Зора Треневска од Апелациониот суд – Скопје, заштитата во рамките на регулирање одделни состојби кои се поврзани со децата и кои се условени со постапка пред суд предвидуваат и посебните закони, како на пример Законот за семејството.

Во согласност со овој закон, при одлучувањето за доверување на децата од значење е и желбата на детето со кој од родителите сака да продолжи да живее, и во таа ситуација се цени и неговата изјавата во склоп на сите други релевантни податоци затоа што е во негов најдобар интерес.

Во согласност со воспоставената пракса, децата над 10 години самостојно даваат изјава пред надлежен орган или кога е потребно пред суд. Посебни одредби за постапување содржи и Законот за вонпарничната постапка, во уредувањето на личните и семејни односи и состојби, односно продолжување на родителско право, одземање на деловна способност, враќање на деловна способност, како и во постапките за уредување на семејни односи, и тоа: давање дозвола за склучување на брак, одземање на вршење на родителско право, како и продолжување на родителско право.

Од посебно значење за постапувањето на судот во постапките за сторено семејно насилство, вели судијката Треневска, е Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и во рамките на тие постапки процената за потреба од сослушување на децата. Во услови на постапување во конкретен предмет, одредби од Конвенцијата за правата на детето секако треба да бидат, односно остануваат постојана рамка за да се обезбеди заштита на детето.

Самиот факт дека станува збор за дете упатува на потреба од посебно внимание, што, пред сè, значи дека детето треба да биде слободно и безгрижно во своето секојдневие. Но, во одредени случаи кога секојдневието на детето е проследено со настани кои длабоко го нарушуваат и влијаат врз неговиот живот, се наложува потреба од сослушување.

Во таква ситуација, кога е оценето дека е неопходно, истакнува судијата, се пристапува кон сослушување на децата, но тоа претставува исклучителен случај. Сама по себе, ситуацијата во конкретната постапка која наложила да се пристапи кон сослушување на детето претставува посебна ситуација, при која со особено внимание се подготвуваат прашањата (од значење е возраста на детето, менталната зрелост, податоците за настанот, инволвираните лица, близок однос со нив, стравот на детето, чувството на вина и сл.) за да се добијат податоци во постапувањето. Ова е неопходно бидејќи основна цел е детето да ја даде својата изјава спокојно, слободно и мирно, без страв од последици по него.

Истовремено, тоа треба да биде сведено на минимум, што значи само во исклучителни случаи, кога доказите се недоволни или противречни, а нема можност да утврдување на фактите со други докази.

Имено, додава судијата Треневска,  во рамките на воспоставувањето на понатамошно вршење на родителските права во доменот на доверувањето, во случаите на развод на брак или измена на одлука за доверување на деца, во рамките на својата надлежност, постапката за добивање мислење за доверување на децата ја спроведува Центарот за социјална работа преку стручни тимови кои се целосно вклучени во состојбите на семејството, вклучително и состојбата на децата за кои низ стручно-методолошка работа и разговор со децата ги утврдува нивните желби и интерес.

Исклучително, дете во судот ја дава својата изјава само во услови кои упатуваат на нужна потреба од добивање непосредна изјава. Ова е поради тоа што секое пристапување во судот во севкупните услови на живот во моментот на новосоздадената состојба на делба на семејството може да создаде кај него дополнителни трауми.

Во такви услови, образложува судијката Треневска, кога се наметнува потребата од сослушување на детето во текот на судската постапка се пристапува со крајно внимание. Тоа е случај на крајно нарушени односи на родителите, кои го дискредитираат однесувањето на другиот родител или создаваат услови за прекин на комуникацијата на другиот родител со детето (отпор за средба, видување или каков било контакт). Ова укажува на потребата од пристапување со особено внимание во процената дали да се сослуша детето и да се добие непосредна изјава, која по својата содржина ќе даде одговор на суштинското прашање, што е во негов интерес во дадениот момент и со тоа основа за негово доверување со судската одлука, во контекст со останатите докази.

Во постапувањето и одлучувањето за сослушување на детето, како и при пристапување кон сослушување треба да се имаат предвид и одредбите од Законот за семејството кои се однесуваат на родителското право (чл. 44 – 79).

Процена и одлука за сослушување на детето донесува судот по службена должност, постапувајќи во согласност со чл. 257 и чл. 272 од истиот закон. При сослушувањето одредено поради специфичните услови на однесување на родителите или на детето (на што може да укаже и доставена документација ) се води сметка да се создадат услови детето без страв и сомнение слободно да ја даде својата изјава за волјата со кого од родителите сака да продолжи да живее понатаму. Истото се однесува и на постапката за измена на претходно донесена одлука за доверување на дете. При сослушувањето се повикува и претставник од ЦСР (родителите не се присутни), кој е дел од стручниот тим со цел создавање атмосфера на слободно изразување на детето. Изјавата на детето, по претходно направениот разговор кој по својата суштина е резултат на сознанијата од доставените докази кои го иницирале повикувањето на детето, се внесува во записник.

Посебно и секако од огромно значење е проценувањето на судот дали во постапката за сторено семејно насилство треба да биде повикано и сослушано дете кое е жртва или сведок на стореното насилство. Децата се понекогаш жртви, вели судијката Треневска, но многу често и сведоци на насилството сторено во семејството, што исто така ги прави жртви на насилство затоа што настанот на кој биле сведоци или жртви има далекосежни последици во нивниот понатамошен живот и во оформувањето како личности. Фактот дека биле жртви или сведоци на насилство ги прави посебно ранливи и затоа кон прашањето за нивно сослушување треба да се пристапи со посебно внимание. Особено треба да се води сметка евентуално да не бидат предмет на злоупотреба со предлагањето тие да бидат сведоци во постапка, опасноста која е поврзана со навраќањето на настанот преку давањето исказ и последиците кои може да ги предизвика тоа во нивниот понатамошен живот.

Како целисходност од добивање нивна изјава се цени само и крајно доколку нема други доказни средства од кои можат да се утврдат потребните факти. Ова е поради тоа што насилството секогаш нема видливи траги како физичкото, но може да биде и во друга форма, како на пример психичко насилство, кое сторителот го прави само во кругот на членовите на семејството и често пред, но и врз децата. Во такви услови на несомнена потреба децата да бидат повикани во судот, неопходно е присуството на стручни лица од ЦСР. По извршениот разговор и врз основа на претходно добро подготвени прашања, образложува судијката Зора Треневска, судот може да донесе правилна одлука за заштита од насилството, со која истовремено ќе го заштити од насилството на кое било подложено како сведок или како жртва. Во постапувањето основна насока, како што е и погоре наведено, остануваат одредбите на Конвенцијата.

КОНФЕРЕНЦИЈА: „Заштита на децата жртви во правните постапки“

M.В