/ Прочитано:

2.300

ЗАШТИТА НА УБАВИНИТЕ НА ЛАЗАРОПОЛЕ: Природата, спокојот и звуците на „Тешкото“ наместо звуците на градежната механизација

Владата донесе одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план за изградба на викенд населба во Лазарополе. Граѓани од Иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“ за Академик велат дека ваквата одлука е неразумна и штетна и алармираат дека тоа е основа за голема еколошка закана за, како што го нарекуваат своето Лазарополе, магичното место со прекрасна природа и спокој.

 Трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште 

Оваа одлука на Владата е донесена минатиот месец и со неа се дава согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план надвор однаселено место за изградба на викенд-населба КО Лазарополе, Општина Маврово и Ростуша. Исто така, изработката на урбанистичкопланска документација за Лазарополе стои и во Годишната програма за изработка на урбанистички планови и државна и локална урбанистичка планска документација во Република Македонија во 2013 година. Според претходните најави на Владата, градењето на викенд-населба во Лазарополе претходно било предвидено како дел за развој на планинскиот туризам.

„Едно од најубавите села во Западна Македонија ќе загуби од својата автентичност“

„Ова најмалку има врска со туризам, а камоли со развој на туризам. Може ли еколошка катастрфа да се именува со туризам? Доколку би се реализирала одлуката на Владата за пренаменување на земјоделското земјиште во градежно земјиште и изградба на викенд-населба во Лазарополе, ќе се случи голема еколошка катастрофа со невидени штети за природните убавини и реткости, а местото ќе го изгуби својот препознатлив идентитет, велат за Академик граѓаните од Иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“, потенцирајќи дека со изградбата на нова населба на површина од 42 хектари целосно ќе се изгуби сегашниот лик, автентичноста, оригиналноста и духот на едно од најубавите села во Западна Македонија.

Тие посочуваат дека одлуката е донесена без да биде побарано мислење од нив, без никаква консултација, аргументација и расправа за прашање што е од исклучиво значење за подрачје со извонредни природни специфики, како што е Лазарополе.

„Одлука донесена на нетранспарентен начин“

„Одлуката е донесена на нетранспарентен начин и без консултација со сопствениците на парцелите“, нагласуваат граѓаните од Иницијативата, додавајќи дека покрај правната проблематичност на ваквата одлука, со неа ќе ѝ се   направи несогледлива штета на една од последните недопрени, еколошки чисти средини во Македонија.

Тие воедно упатуваат повик до граѓаните што потекнуваат од ова место да започнат активно да собираат секаков вид документи, како судски документи од оставински постапки, секаков вид барања за можна постапка за денационализација, катастарски документи со кои се потврдува приватната сопственост, и сите видови правни докумети во кои се именуваат ливади-пасишта со катастарски број и без катастарски број.

„Изградбата би се вршела на парцели што се веќе во сопственост на луѓе од селото и за кои има соодветни тапии и за дел од нив се водат соодветни постапки за денационализација“, посочуваат од Иницијативата, додавајќи дека е потребно и по правен пат да го одбранат, како што го нарекуваат, бедемот на македонската самобитност, култура, книжевност и преродба.

За Александра Бојчевска од Иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“ е јасно дека со ваквиот потег не се докажува посветеност за инвестиции и реформи во туризмот, туку се доведува во опасност заштитата на природата и на животната средина.

Лазарополе е составен дел од заштитеното подрачје на Националниот парк Маврово

„Колку и да се стремиме кон ЕУ, а ЕУ знаеме дека е една од најпроактивните регионални организации во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на биолошката разновидност, толку се одвраќаме оттаму и си пркосиме сами себеси. Со Проектот за изградба на викенд-населба КО Лазарополе, сметам дека Владата не ја докажува својата посветеност за инвестиции и реформи во туризмот, туку таа само дополнително ја доведува во опасност заштитата на природата и на животната средина, го загрозува квалитетот на воздухот. Изминатиов период се креваше толкава врева за квалитетот на воздухот, за ПМ10 честичките, за тоа дека Македонија е прва по загаденост на воздухот во Европа, но се ширеа и вести дека само во Лазарополе се дише чист воздух. Имам право на чист воздух и сакам да дишам чист воздух. Не сакам да прифатам викенд-населба до веќе постојната. Исто така, морам и да нагласам дека Лазарополе е составен дел од заштитеното подрачје на Националниот парк Маврово, но нели во национален парк може да се вршат туристичко-рекреативни дејности, но не на начин што го загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа. 300 викенд куќи, 2 хотели, хелиодром – ете како ќе се наруши природниот баланс на овој крај“, вели Бојчевска.

Единствена врева – легендарните тапани за ден Илинден

Лазарополци велат дека далеку од урбаниот хаос, во Лазарополе единствената врева ја прават неколкуте возила од куќите и легендарните тапани за ден Илинден. Апелираат дека мора да се остави, како што велат, нешто исконско, чисто и божествено и за наредните генерации.

„Местото ќе го изгуби својот идентитет, познато низ цел свет како место за кое сите велат како да е излезено од бајка. Место со пространи ’ливаѓе’, опкружено со ридови и ’планиње’, поточиња, стари цркви и легенди што ги воодушевуваат сите оние што имале среќа барем еднаш да го видат Лазарополе. Овде секој човек, тукашен или странец, го наоѓа својот мир и СЕКОГАШ наоѓа начин да ја услиши желбата на своето срце – ПОВТОРНО ДА СЕ ВРАТИ НАЗАД и да го вдише повторно мирисот на детството, на природата, на мајчината душичка, на дивите јаготки и на спокојот“, нагласуваат од Иницијативата.

Природата и звуците на „Тешкото“ наместо звуците на градежната механизација

„Тие, Мајовци, традиционално со децении наназад го будат духот на селото, ги обвиткуваат со трепет и со почит сите оние штого чувствуваат тој силен удар на тапанот, тој страшен пискот на зурлата и со љубов, пред себе гледаат во ’Тешкото’, кое не е симбол само на Лазарополе и на Мијачијата, туку и на целата наша земја, на нашата татковина, на нашето историско и културно богатство како Македонци. Магијата, која ја носи во себе селото, може само да се доживее, не може да се опишува. Тој дел од Западна Македонија е еден од последните делови од земјава што остана незагаден, нечепнат, неупропастен. Еден дел од нас сè уште силно се надева дека тоа ќе остане така, дека ќе проработи логиката и човечноста во сите нас. Оваа идеја за масовна изградба на територија која, меѓудругото, е неколку пати поголема од селото лично ја сметаме за сквернавење на селото и на неговиот идентитет, на луѓето што имаат тапии за земјиште оставено од дедо и прадедо (секако и на оние што имале тешкотии да ги извадат тие тапии од кастастар поради икс причини), на Националниот парк Маврово, каде што припаѓа ова земјиште познато по својата дива убавина“.

Апел за разумна одлука

Со изградбата, посочуваат од Иницијативата, ќе се уништат тамошните флора и фауна каде што припаѓаат цвеќињата, како што се дивите лазоровски нарциси, познати како гороцвеќе. Мора да се има почит и елементарна еколошка свест за присутноста на ваквите реткости и природни убавини.

„И затоа оваа идеја е погрешна на многу нивоа. Повикуваме на разумна одлука затоа што резултатот ќе биде очигледен – еколошка катастрофа и разнебитување на вредност негувана со векови“, апелираат од Иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“

М.В / veljanoskim@akademik.mk

9.2.2015