/ Прочитано:

1.741

Заштитата на авторското право – дел од стратешкиот план на Министерството за култура

Унапредувањето на заштитата на авторското право и сродните права и нивното усогласување со ЕУ-директивите од оваа област се предвидени како посебен дел од стратешкиот план на Министерството за култура за периодот 2018 – 2020 година.

 Како што се наведува во стратешкиот план, за остварување на овие цели во натамошниот двегодишен период ќе се организираат кампањи за значењето на авторското право и сродните права; за улогата на авторското право и сродните права во дејности и индустрии базирани на авторското право и сродните права;   за поттикнување на колективното остварување на авторското право и сродните права и за поттикнување на легални начини на користење на авторските дела и предметите на сродните права.

Исто така, во стратешкиот план се предвидува изработка на функционална веб-страница за авторското право и сродните права, на која ќе има информативно-едукативни материјали. Предвидено е и изготвување на стратешкиот документ за остварување на вклучувањето на авторското право и сродните права во образовниот систем и тематски работилници посветени на имплементација на Законот за авторското право и сродните права.

Тематските работилници ќе бидат посветени и на прашањата за колективното остварување на авторското право и сродните права; заштитата на правата и пренесувањето на правата, како и за односот на авторското право и сродните права со новите технологии, медиуми, дејности и индустрии базирани на авторското право и сродните права.

Во стратешкиот документ се предвидува и формирање постојан форум за унапредување на остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права со цел споделување знаења и искуства и дебата на теми од заеднички интерес. Форумот, се појаснува во стратешкиот план, би функционирал како посебен блог во рамките на веб-страницата за авторското право и сродните права.

Во врска со остварувањето на целите на стратешкиот план во врска со авторското право, се предвидува и засилена координација и соработка со државни органи и институции, со посебен акцент на обезбедување и размена на податоци за остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Интензивирањето на соработката со Светската организација за интелектуална сопственост и интензивирањето на билатералната соработка во областа на авторското право и сродните права со земјите од регионот на Југоисточна Европа, исто така, се акцентирани активности во стратешкиот план во делот на меѓународната соработка.

М.В