/ Прочитано:

4.817

Заштитата на интелектуалната сопственост придонесува за брз општествен развој

Иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на единствениот европски пазар. Од друга страна, фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост, поради што на денешниот настан во Скопје на одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост беше истакнато значењето на улогата на интелектуалната сопственост во поттикнувањето на иновациите и креативноста.

„Кога купувате фалсификувани производи или пиратска музика, филмови, софтвер, вашите пари го финансираат организираниот криминал во светот и помагаат да се создаде нискоризична и високопрофитабилна алтернатива на трговијата со дрога и другите нелегални бизниси. Фалсификаторите се криминалци кои вашата заедница ја чинат пари и безбедност“, ова е дел од брошурата во кампањата  „Зајакнување на правата од интелектуална сопственост“, по повод Светскиот ден на интелектуалната сопственост кој секоја година на глобално ниво се слави во последната недела во април.

Владите и институциите кои го спроведуваат законот ширум светот напорно работат да ги спречат фалсификаторите да произведуваат и да продаваат фалсификувани и пиратски производи. Фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост, поради што на денешниот настан на одбележување на светскиот ден беше истакнато значењето на улогата на интелектуалната сопственост во поттикнувањето на иновациите и креативноста.

Иновативноста, како што истакна претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Јаромир Левичек, има позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на единствениот европски пазар. Тој нагласи дека светот не го менува функционирањето само на големите компании, напротив, како што рече, дури 40 отсто од малите и средните компании имаат значајно влијание  на светскиот пазар, и тоа, пред сѐ, поради нивните единствени производи.

Миливое Ѓорѓевиќ од компанијата ФХ3Х нагласи дека проектите на кои работат, односно интелектуалната сопственост од тие проекти се мери со милијарди долари, бидејќи, како што рече, станува збор за соработка со светски компании што продуцираат високобуџетни филмови.

„Во нашата работа е најважна заштитата на интелектуалната сопственост, односно на  проектите и на сите информации кои се поврзани со тие проекти, бидејќи доколку протече каква било информација уште во фаза на реализација на филмот, неминовно се загрозува проект вреден стотици, па и милијарди долари. Затоа ФХ3Х подлежи на строги контроли двапати годишно“, истакна Ѓорѓевиќ.

На Светскиот ден на интелектуалната сопственост се истакнува дека интелектуалната сопственост денес е широко признаена како човеково право и таа е заштитена во меѓународното право. Таа е дел и од Европската конвенција за човекови права и нејзиниот Протокол број 1, чија потписничка е и Македонија.

Интелектуалната сопственост претставува придонес за развојот на музиката и уметноста, како и за развој на технолошките иновации кои се силни чинители за брз развој на општествата.

Во текот на последната деценија, Република Македонија презеде мерки за приближување на степенот на заштита на интелектуалните права со оној што постои на ниво на Европската Унија. Македонија е членка на Светската организација за интелектуална сопственост и Европската организација за патенти и воедно е потписник на сите важни меѓународни договори од оваа област.

Двата главни закони кои ја регулираат оваа област се Законот за авторското право и сродните права и Законот за индустриска сопственост. Според Законот за авторското право и сродните права чл.12, едно оригинално дело на авторот е интелектуална и индивидуална работа во областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена во каква било форма. Формите во кои може да се изрази се:

1) писмена форма (книга, натпис, статија, прирачник, брошура и други дела од иста природа);

2) компјутерска програма како писмена работа;

3) гласовна форма (предавање, говор, проповеди и други дела од иста природа);

4) музичка работа, со или без текст;

5) драма, музички, кореографски дела и пантомима;

6) фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;

7) аудиовизуелно (кинематографско и друго дело изразено со подвижни слики);

8) форми на ликовната уметност (сликарство, цртање, графика, скулптура итн.);

9) дела од архитектурата;

10) дела од применетата уметност и дизајнот и

11) картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата и науката.

Во согласност со Законот за индустриска сопственост, член 2, права од индустриска сопственост се патенти, индустриски дизајн, трговски марки, ознака на потеклото и географска ознака.

А. Б.