/Прочитано:

856

Заштитата на личните податоци во делот на финансиите и одобрувањето кредит

Кредит

Кога граѓаните поднесуваат барање за одобрување на користење кредит, посочуваaт од Дирекцијата за заштита на личните податоци, потребно е да пополнат образец во вид на формулар.

При пополнување на формуларот од различни причини (најчесто поради незнаење или поради потреба од одобрување на кредитот) не се внимава на видот и обемот на личните податоци што ги бараат банките или други финансиски институции за одобрување на кредитот. Со секојдневното пополнување на разни формулари, истакнуваат од Дирекцијата, ја откривате вашата приватност. Личните податоци се клуч на приватноста на секое лице.

Кои лични податоци граѓанинот треба да ги даде заради одобрување на кредитот?

Во формуларот за одобрување кредит мора да биде наведено: дали се  задолжителни или доброволни одговорите на прашањата; потоа можните последици доколку не се одговори; дали податоците ќе се даваат на користење на други фирми, организации или лица; како и тоа дали се согласувате вашите лични податоци да со користат за директен маркетинг.

Треба да ги откриете само оние лични податоци што се задолжителни, а доброволните можете да ги пополните само доколку сакате. На пример, доколку се бара да се наведе телефонски број (домашен, мобилен, од работа…) треба да одлучите кој телефонски број ќе го наведете или дали ќе ги наведе сите.

Кога станува збор за посебните категории лични податоци, додаваат од Дирекцијата, банките или другите финансиски институции може да ги обработуваат само ако постои законска основа за тоа или ако сте дале претходно писмена согласност за нивна обработка.

Личните податоци кои се содржани во кредитните досиеја доколку се обработуваат спротивно на законот или доколку се незаштитени, лесно можат да ја нарушат приватноста и имотот на граѓаните.

Кога финансиските институции имаат право да задржат копија од личниот документ на субјектот на лични податоци?

Во согласност со Законот за спречување на перење пари („Службен весник на РМ“ бр. 46/04) банките и другите финансиски институции имаат право да задржат копија од личниот документ на граѓаните (лична карта или патна исправа, но не и копија на двата документи истовремено) во следните ситуации:

– при воспоставување на деловен однос (на пример: отворање сметка или штедна книшка, прием на чување на акции, обврзници или други хартии од вредност, овозможување на користење на сефови, управување со имот или прием на уплата во име на трето лице);

– при секоја трансакција во износ од 15.000 евра;

– кај поврзани трансакции во износ од 15.000 евра на денот на вршењето на трансакцијата и

– секогаш кога постои основа за сомневање за перење пари.

Личните податоци се чуваат 10 години по извршената трансакција.

Идентификација на субјектот на лични податоци при менувачки работи

Според Законот за спречување на перење пари, банките, менувачниците или други финансиски институции се должни да го утврдат идентитетот на клиентот при трансакција која вклучува сума поголема од 2.500 евра. И во овој случај личните податоци се чуваат 10 години по извршената трансакција.

M.В

Погледнете и ..