/ Прочитано:

1.946

Засилената контрола при градењето придонесува за изградба на квалитетни објекти

Од почетокот на 2014 година сите градби контролирани од ИЗИИС речиси и да немаат ниту едно механичко оштетување како резултат на земјотрес. Директорот на овој институт, Михаил Гаревски додава дека тоа се должи на зајакнатата контрола што ја предвидува Законот за градење, а која се однесува на сите правни и физички лица, како и на процедурите кои треба да ги запазат проектантите и изведувачите на објектите.

згради

Со измените и дополнувањата на Законот за градење, кои стапија на сила во ноември 2013 година, за сите објекти треба да се добие мислење за проектиран и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Директорот на овој институт, Михаил Гаревски, вели дека од почетокот на 2014 година сите контролирани градби речиси и да немаат ниту едно механичко оштетување како резултат на земјотрес. Гаревски додава дека тоа се должи на засилената контрола што ја предвидува Законот за градење, а која се однесува на сите правни и физички лица, како и на процедурите кои треба да ги запазат проектантите и изведувачите на објектите.

„ИЗИИС издава мислење за проектиран степен, а во текот на градењето Институтот издава уште две мислења за изведен степен. Првото мислење се добива во фаза кога е објектот изграден до половина, а второто – кога ќе биде целосно завршен објектот. За индивидуалните објекти до 300 метри не се задолжителни мислењата што ги издаваме во текот на градба, но мислењето за проектиран степен е задолжително“, вели Гаревски.

Професорката по сеизмички ризик и повредливост Радмила Шалиќ вели дека мислењата што ги издава ИЗИИС во текот на градењето се издаваат врз основа на теренската проверка направена од страна на комисија составена од неколку члена.

„Ваквата процедура е задолжителна со цел да утврдиме дали во текот на градењето е постапувано според проектната документација. Сите атести за вградени материјали, за бетон, за арматура и така натаму, претходно се доставуваат до ИЗИИС. Комисијата спроведува проверка на квалитетот на материјалите што се вградени во објектот со цел да се утврди дали тој соодветствува со квалитетот што е наведен во проектната документација. На пример, има проекти во кои стои ознака марка бетон 30, но по нашата проверка се утврдува дека вградениот материјал е марка бетон 20. Во лабораторијата за недеструктивни тестови се врши дополнителна проверка на цврстината на бетонот. Постои и посебен инструмент со кој се проверува положбата на арматурата, а во поспецифични случаи со специјална опрема за амбиент вибрации ги проверуваме динамичките карактеристики на објектот за да утврдиме дали се во корелација со проектот“, вели професорката Шалиќ.

проектирање

Најважни, како што дополнува професорката Шалиќ, се кофражните планови во кои детално се специфицираат димензиите на носечките елементи и на распоредот на арматурата, нагласувајќи дека ниту една градежна компанија не може да гради без тие планови, односно да гради само со проект за статика изработен по шема.

Во текот на само еден ден, до ИЗИИС во просек стигнуваат 12-13 барања за мислење за проектиран и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита. Најголем број од барањата се од проектанти и од градежни компании од Гостивар, кои во текот на изминатата година поднеле повеќе од 160 барања. Начинот на добивање на одобрение за градба го појасни Лирим Таривари, изведувач и инвеститор од Гостивар.

„До ИЗИИС поднесуваме електронска апликација со сета потребна документација. Откако ќе добиеме мислење од нив, аплицираме за одобрение за градба. Во текот на градењето два пати сме обврзани да ги повикаме да утврдат дали се реализира и на терен тоа што е наведено во проектот. Кога повеќечлената комисија доаѓа да направи проверка на вградениот материјал, за да може да ни издаде мислење за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, обврзани сме да ѝ ги доставиме и сите претходни проби од акредитирана лабораторија. Најчесто поднесуваме фотографии и видеа за сето она што претходно било тестирано. Доколку добиеме позитивно мислење, продолжуваме со градењето. Во случај да не добиеме позитивно мислење, ги правиме потребните корекции, но тоа е поголем трошок за нас, затоа во последниве две години немаме пропусти во целокупната проектна документација“, појаснува Таривари.

Претседателот на Комората на градежници при Стопанската комора уверува дека сите членки на Комората ги почитуваат прописите за градба. Сепак, тој наведува дека дел од инвеститорите кои не се од градежната фела градењето го гледаат повеќе како бизнис и се обидуваат да направат нешто побрзо или со понеквалитетни материјали, на што тој остро се спротивставува. Но затоа, вели Велковски, тука се надзорот, проектантите и изведувачите кои ја следат градбата во целост и кои не дозволуваат грешки.

„Конструкцијата чини 30 % од цената на целиот проект и таа е најважна за една градба бидејќи доколку таа не е изработена добро, не може да се поправи. Затоа сите треба да бидеме многу одговорни и да ги почитуваме сите законски прописи бидејќи во прашање се нашите животи и животите на многу други луѓе бидејќи сите ние треба да живееме во тие градби“, смета Велковски.

Сите градежни компании во своето работење мора да го почитуваат Кодексот за стручно и одговорно вршење на работата бидејќи и Комората на инженери и архитекти и Министерството за економија вршат контрола и доколку утврдат нестручно и несовесно постапување, можат да утврдат казни, односно да им ја одземат лиценцата.

А. Б.