/ Прочитано:

2.603

ЗАСТАПНИЦИТЕ ДОБРО ДА СЕ ПОДГОТВАТ: Судијката Антоанета Димовска за примената на новите измени во ЗПП

Застапниците мора да сфатат дека целата тежина на изведувањето на доказите сега е на нивна страна. Тие се тие што ги сослушуваат и сведоците и вештаците и странките. Тоа бара многу добра подготовка, вели за Академик судијката Антоанета Димовска, во врска со примената на новите измени на Законот за парничната постапка.

akad 2

„Законот за парничната постапка ги прави многу активни и странките и полномошниците, а, условно кажано, го пасивизира судот“

Во новите измени на Законот за парничната постапка, кои се однесуваат на испрашувањето, се пропишува дека странката, нејзиниот законски застапник или полномошник, има право непосредно да им поставува прашања  на сведоците, вештаците и на странките. Исто така, се пропишува дека странката, нејзиниот законски застапник или полномошник, има право  непосредно, без претходна дозвола од судот, да му поставува прашања и да бара објаснувања од вештакот во поглед на дадениот стручен наод и мислење.

Судијката Антоанета Димовска вели дека со ваквото решение се зголемува активната улога на застапниците и на странките во постапката и се зголемува нивната одговорност за успехот во спорот.

„Она што е важно во примената на новите законски измени е што застапниците мора да сфатат дека целата тежина на изведувањето на доказите сега е на нивна страна. Тие се тие што ги сослушуваат и сведоците и вештаците и странките. Тоа бара многу добра подготовка. Значи, комуникација со странката, со сведокот, но не од аспект на тоа да го подготви за лажно сведочење, туку од аспект на тоа да види дали сведокот навистина има познавања од спорот, дали е запознаен со спорот меѓу странките и кои факти може да са утврдат. Во таа смисла, многу е важно прашањето да се види за каква личност се работи. Сите се различен профил на личности, па на тој начин да се пристапи кон испрашување на самиот сведок, дали треба поопширно и повеќе време за да го даде својот исказ или пократко време за да го даде својот исказ,  дали е во состојба да одговора на кратки прашања или му треба подолго објаснување, значи, мора добра подготовка од тој аспект“, вели судијката Димовска.

Таа додава дека новите измени на Законот за парничната постапка ги прават многу поактивни полномошниците и странките во спорот, за сметка на судот кој „условно се пасивизира“.

akad 2

Антоанета Димовска, судија во Основниот суд Скопје 2 и проф. д-р Кирил Чавдар на обуката во организација на Академик, посветена на новините во ЗПП.

„Со еден збор Законот за парничната постапка ги прави многу активни и странките и полномошниците, а, условно кажано, го пасивизира судот. Судот, секако, внимава сите спорни прашања да се претресат, меѓутоа товарот и начинот на претресувањето е на странките и на полномошниците, и тие мора да бидат подготвени за тоа“.

Судијката ги советува застапниците дека мора добро да се подготват пред поднесување на тужбата во случаите кога е потребна задолжителна медијација.

Според новите измени на ЗПП,  во стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата,  да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Доколку медијацијата не успеала, при поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ, издаден од медијатор, дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, а доколку не го стори тоа, судот ќе ја  отфрли тужбата.

„Застапниците мора добро да се подготват пред поднесување на тужбата, кога се работи за задолжителна медијација. Значи, дали се работи за парично побарување, дали се работи за непарично побарување, потоа добро да ја проверат застареноста, дали таа се прекинува, па колкав е рокот на прекин и во кој рок да ја поднесат тужбата откако ќе добијат потврда од медијаторот“, нагласува Димовска.

Во однос на прашањето дали задолжителната медијација ќе ги оствари своите цели, судијката истакнува дека само праксата може да  го покаже тоа.

„Треба да се остави малку простор за да почне задолжителната медијација и дали така ќе се решат предметите побрзо. Ако биде тоа така, тогаш ќе се покаже дека задолжителната медијација ги исполнила своите цели. Знам дека изгледа дека тоа е повеќе време и трошок за странките, но да видиме што ќе покаже праксата и дали ќе заживее тоа. А праксата ќе го покаже тоа многу брзо“, вели Димовска.

Новините за непосредното поставување прашања од страна на странката, застапникот и полномошникот во парничната постапка

Новините во Законот на парничната постапка за постапката по платен налог

Објаснување на измените на Законот за парничната постапка

Измени во Законот за парнична постапка: Странките без дозвола на судот ќе може непосредно да поставуваат прашања на сведоците, вештаците и странките

М.В / veljanoskim@akademik.mk