/ Прочитано:

639

Завршна конференција на проектот „Правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела“

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и проектниот партнер СОС Детско село Северна Македонија организираа завршна конференција на проектот „Правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела“ со наслов „Патот на жртвите на насилни кривични дела до правдата“.

Главната цел на проектот е подобрување на пристапот до правда за жртвите на насилни кривични дела преку воспоставување национален сервис за правна поддршка на жртви, со фокус на децата, лицата со попреченост, старите лица и жените жртви на насилни кривични дела.

На почетокот на денешниот настан, Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници го нагласи значењето на проектот, посочувајќи дека тој е реализиран во време на т.н. глобална пандемија на насилство во сенка и загрижувачка експанзија на насилството врз жените и децата и другите ранливи категории, како што се лицата со попреченост и повозрасните лица.

Покрај важноста на резултатите постигнати преку проектот, нагласи Коцевски, од особено значење е да се слушнат и понатамошните планови во насока на обезбедување на ефикасен пристап до правда, како едно од клучните прашања во борбата против насилството и правната поддршка на ранливите жртви.

Во таа насока, на денешниот настан свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за правда, Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, како и Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија.

Министерот за внатрешни работи во своето обраќање нагласи дека клучно во борбата против насилството врз жените, децата, лицата со попреченост и постарите лица како ранливи категории е постоењето на координиран и мултиресорски пристап.

Покрај професионалниот пристап, додаде Спасовски, особено е важен етичкиот пристап. Современите трендови, како и концептот на Законот за кривичната постапка и новите законски решенија во центарот на вниманието ја ставаат жртвата – децата, жените, лицата со попреченост и постарите лица. Правната заштита на жртвата треба да биде таква што таа ќе добие третман на жртва преку признавање на статусот на жртва.

Во таа смисла, посочи Спасовски, непроценливо е знаењето на полициските службеници, кои ќе спречат дополнителна виктимизација на таа жртва. Од голема важност, исто така, е и постапувањето на судовите.

Потребно е жртвата да биде разбрана и да се покаже емпатија кон неа. Потребна е заштита од заплашување и понатамошни штети. Жртвите, резимираше Спасовски, треба да бидат свесни за своите права, да имаат ефикасен пристап до правда и посебно внимание треба да се посвети на давањето помош.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, нагласи дека жртвите очекуваат надлежните институции да постапуваат навремено и ефикасно. Полицијата и јавното обвинителство, а особено судовите се столбовите на оваа заштита. Заштитата на жртвите од насилство говори за владеењето на правото и за заштитата на човековите права. Тоа, нагласи Маричиќ, е еден од клучните параметри во насока на Европската Унија.

Кога зборуваме за човекови права, потенцираше Маричиќ, говориме за правна сигурност, и за ова не може да има компромис. Во тој контекст, министерот за правда се осврна на новиот Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, кој е во собраниска процедура. Целта на законот е да се изврши усогласување со меѓународните стандарди во сферата на правата на жртвите од кривични дела.

Појдовна точка при изготвувањето на законот, образложи Маричиќ, беа и компаративните искуства од повеќе држави, а посебен акцент беше ставен на државите од регионот од причина што со нив имаме слични правни системи и во оваа област тие се чекор понапред со оглед дека нивните закони ги изготвуваа во рамките на процесот за пристапување кон Европската Унија.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека државата треба да преземе сè за да се спречи насилството врз ранливите категории и дека затоа се овозможува еден холистички пристап и меѓусекторска соработка, како и соработка со невладините организации и со медиумите. Министерката за труд го нагласи значењето и на препознавањето на насилството, за што голема улога има образованието, кое пак треба да биде насочено против прифатените стереотипи.

Шахпаска истакна и дека е стапен во примена новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, чија цел е превенција и спречување на родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово базирано насилство врз жени, како и на жртвите на семејно насилство, со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и меѓународните договори. Целта на законот се заснова на принципот на еднаквост и елиминирање на стeреотипите за родовите улоги.

Никола Бертолини потенцираше дека пристапот до правда е фундаментално право кое го штити владеењето на правото. Затоа, додаде Бертолини, од особено значење е постоењето на еднаков и ефективен пристап до правда за ранливите лица, што всушност и биле заложбите на проектот кој постигнал успешни резултати во поставените цели.

На конференцијата презентација на проектните резултати и на резултатите на сервисот за правна и психосоцијална поддршка на жртвите на насилни кривични дела имаа Елена Георгиевска, менаџерка на проектот (МЗМП), и Марио Јанчев, национален директор за програмски развој (СОС Детско село).

Георгиевска истакна дека клучен предизвик во правната заштита на жртвите е нејзиниот пристап до правда и барањето за правна заштита преку запознавање со нејзините права.

На жртвите, нагласи Георгиевска, потребен им е професионален кадар, кој ќе им даде стручна и професионална поддршка. Самите жртви очекуваат дека професионалците ќе им го покажат патот и ќе ги насочат кон вистинскиот пат. Затоа, додаде Георгиевска, потребна е организирана помош и заштита.

За организираната помош и заштита понатаму говореше Марио Јанчев, кој во своето излагање го образложи процесот на психосоцијална поддршка на жртвите и на активностите кои ги имале двете организации во давањето помош на ранливи жртви на насилни кривични дела.

M.В