/ Прочитано:

738

Завршна конференција во рамки на имплементација на „Проектот за македонската судска пракса“

Петот, 29 март 2013 – Министерот за правда Блерим Беџети и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска денеска ќе се обратат на завршната конференција во рамки на имплементацијата на Проектот наменет за јакнење на македонската судската пракса.

Проектот беше поддржан и финансиран од холандската амбасада во Македонија, а реализиран од Академијата за судии и јавни обвинители.

Проектот започна да се реализира во втората половина на 2010 година и имаше за цел да го зајакне владеењето на правото во Република Македонија и на тој начин да даде придонес во креирањето на поефикасен судски систем, кој ќе сте темели на меѓународните и европските стандари.

При реализацијата на активностите опфатени со проектот, Академијата соработуваше со Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Кралството Холандија, а покрај тоа, како главни локални партнери согласно одобрениот проект, во нашата држава беа и Врховниот суд на РМ, Министерството за правда на РМ и Адвокатската комора на РМ.

Со проектот беа опфатени три компоненти во кои беа содржани низа активности насочени кон  подобрување и зајакнување на улогата и користењето на судската пракса во домашниот правен систем, чија крајна цел беше подигнување на свеста за улогата на судската пракса како дополнителен извор со кој ќе се подобри пристапот и употребата на домашната и меѓународната судска пракса.

Во периодот од две години беа организирани повеќе семинари и работилници посветени на домашната и меѓународната судска пракса, а беше публикувана и издадена Збирка на релевантни судски пресуди на Европскиот суд за човекови права против други земји, преведени на македонски јазик, која ќе биде промовирана во рамките на денешниот завршен настан.

Во рамките на проектот беше остварена и една студиска посета на Кралството Холандија каде судиите од Македонија имаа можност да разменат компаративни искуства со своите колеги од Холандија, а  воедно и да се запознаат со нивниот правосуден систем.

Успешната реализација на овој проект претставува голем чекор напред на македонското судство во остварувањето на критериумите кои се дел од процесот на реформите на правосудниот систем на Република Македонија, кои пак од своја страна претставуваат еден од главните услови за влез на нашата држава во Европската унија.

На настанот ќе присустуваат претставници на судскиот систем од Македонија, како и претставници на Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Холандија, а воведни обраќања ќе имаат  заменик амбасадорот на Холандија, Петер Верехејн и заменик директорот на ЦИЛЦ од Холандија, Ерик Винкен.

Резултатите од спроведените активности во рамките на Проектот пред присутните ќе ги презентира Лино Бросиус, проект менаџер на ЦИЛЦ од Холандија, додека претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова официјално ќе је презентира организациската струкутра на дата базата за судската пракса, чија имплементација беше опфатена со овој проект.

Пред присутните излагање ќе има и судијата на Апелацискиот суд на Арнхем, Холандија, Франс Баудуин кој ќе зборува за судската пракса на ЕСЧП и импликациите на судските пресуди на ЕСЧП во правото на Холандија, а директорката на Академијата, Арнаудовска официјално ќе ја презентира и публикацијата која е издадена во рамките на Проектот, во која се содржани македонски преводи на 20 пресуди на ЕСЧП против други држави.

Заклучоците од целокупната реализација на Проектот ќе ги презентираат директорката на Академијата и заменик директорот на ЦИЛЦ, Ерик Винкен.