ЗАВРШНИТЕ ПРЕДАВАЊА ОД КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА АКАДЕМИК: Маријана Винтијадис, д-р Жан Митрев и Константинос Корнилакис
По предавањата на Михаела Алберг, извршен директор за усогласеност со законите и со етичките норми во шведскиот телекомуникациски гигант „Телиасонера“, и на Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“ од Париз, Франција, на вториот ден од Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“ предавања имаа Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“, потоа познатиот македонски хирург д-р Жан Митрев, основач и сопственик на Специјалната болница „Филип Втори“ и Константинос Корнилакис од „Кументакис и адвокати“.
„Фирмите, а особено адвокатските друштва имаат многу вредни податоци. Тоа е доволен предизвик тие да бидат мета на чести хакерски напади. Во денешно време сајбер-криминалот зема голем замав, со толкава брзина, што правните системи не можат да го следат. Од тие причини заштитата е приоритетна. Порано требаше да бидете стручњак за да пробиете код, на пример малкумина сфаќаа како да се пробие кодот на Пентагон, а денес на Јутјуб има упатства како да го хакнете Пентагон“, истакна Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“, која на Конференцијата говореше за безбедноста на податоците и за правната форензика.
Таа подвлече дека фирмите, адвокатските друштва и адвокатите со обезбедувањето на заштитата од криминалните сајбер-напади имаат и конкурентска предност ако ги убедат клиентите дека имаат добра заштита.
„Кога има протекување на информации од фирмата, тоа е катастрофа за нејзиното работење, тоа е огромен ризик. Затоа фирмите мора да имаат воспоставено добра пракса, да ги знаат правилата и да ги тестираат системите. Тестирањето е потребно затоа што системите може да се пробијат, а прашањето е колку време и напор е потребно за тоа“, нагласи Винтијадис.
Таа на Конференцијата за управување со правни ризици упати и препорака до адвокатите: „Секогаш да имате предвид дека колку повеќе клиенти имате, толку повеќе сте загрозени од сајбер-криминалот и од хакерските напади. Адвокатите секогаш се од посебен интерес за криминалците затоа што имаат и работат со многу доверливи информации.“
Познатиот македонски кардиохирург, академик д-р Жан Митрев, говорејќи за правните ризици при основањето на Специјалната болница „Филип Втори“, истакна дека имал цврста желба да ја оствари својата идеја и заложба, иако знаел дека ќе се судри со различни фактори кои ќе се обидат да го спречат во својата замисла.
Неефикасниот правен систем и несредената регулатива, истакна познатиот хирург, беа дел од тие фактори.
„Правните ризици, како и сите други, особено во околности каде што нема доизграден правен систем, каде што влегувате први во еден простор кој е многу нестабилен, во кој нема дефинирани правци, се како да влезете во џунгла и едноставно не знаете од која страна што ве чека“, посочи Митрев.
Угледниот хирург и основач на Специјалната болница „Филип Втори“ нагласи дека правната регулатива внатре во самата болница претставува столб кој дава сигурност и кој е основа за функционирањето на реномираната здравствена институција.
Константинос Корнилакис, од солунското Адвокатско друштво „Кументакис и адвокати“, посочи дека по економската криза обемот на правни услуги во Грација се намалил и поради тоа повеќето адвокатски друштва претрпеле големи последици.
„Имаше намалување на цената на услугите, намалување на квалитетот, отпуштања и раскинување на професионалните односи, поради што се намали и бројот на активни адвокати што беше многу тажно. Затоа во нашата компанија сфативме дека треба да ја преструктуираме работата и да инвестираме во човечки ресурси и преку нив да привлечеме нови клиенти. Баравме здрави компании во консултантските услуги, во енергетиката, а потоа се свртевме и кон барањето клиенти во јавните претпријатија. Успеавме да ги добиеме овие успешни клиенти преку приспособливост и доверливост“, истакна последниот предавач на четвртата Конференција за управување со правни ризици: правни трендови.
На крајот од големиот правен настан, адвокатот Георги Димитров упати искрена благодарност до предавачите и до учесниците на Конференцијата, нагласувајќи дека е вложено многу креативен труд и љубов во организацијата на правниот настан, кој овие два дена беше центар на светската правна мисла.