/ Прочитано:

961

Здружение „Правда за штедачи“: Се надеваме дека Уставниот суд ќе одржи седница во рокот за предметот

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи” изразува надеж дека Уставниот суд ќе закаже и одржи седница во рокот по предметот за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, имајќи во предвид дека по однос на спорната одредба беше поведена постапка за оценка на уставноста на седницата од 21 април. Особено што се работи за рок согласно деловникот на Уставниот суд, во кој треба да биде донесена мериторна одлука.

„По изнесеното издвоено мислење од четирите судии, Здружението „Правда за штедачи“ смета дека повеќе не постојат причини за понатамошно одолговлекување или пролонгирање на постапката. Имено, изнесени се многубројни аргументи за оценка на уставноста, не само преку законската регулатива и уставните одредби во домашното законодавство, туку и преку компаративна анализа од кои може да се согледа проблемот од поширок аспект – европски и регионален.

Со оглед на досега изнесеното за и против (не)уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со овој допис Здружението би сакало да потенцира неколку други аспекти на проблемот. Имено, според податоците од Министерството за финансии, Фондот за осигурување на депозити нема приоритет при стечај на банка во сите земји на Европската унија. Во Германија, на пример, е на четврто место за намирување. Постојат и многу други земји во Европската унија каде Фондот не е прв во редоследот на намирување од стечај на банка. Или, поточно, секој на различен начин го уредил ова прашање, но основна интенција на секое законодавство треба да биде заштита и јакнење на позицијата на депонентите и на тој начин, создавање на услови за зголемување на сигурноста во банкарскиот и во финансискиот систем како целина. Во нашата држава, според сегашната поставеност на регулативата, максимално е зајакната позицијата на банките и нивните профити, на сметка на позицијата на депонентите. Во таа слика идеално се вклопува Фондот за осигурување на депозити во однос на другите доверители при случај на побарувања од банка во стечај. Затоа, нашето законско решение е единствено во Европа, можеби и пошироко. Во нашето законодавство нема речиси никакви заштитни механизми за депоненти на банките по основ на разни видови на приливи на парични средства, туку се се смета за  депозит, без исклучок. Кај физичките и кај правните лица. Со тоа што, обештетување се врши само на физички лица до 30.000 евра, додека правните лица воопшто не се обештетуваат. Во такви услови, поставеноста на Фондот како приоритетен доверител во услови на стечајна постапка за банка, не прави ЕДИНСТВЕНИ во Европа. Во таа смисла, веќе посочивме примери со нашето опкружување, како Црна Гора, како и сите земји од Европската унија, каде е драстично поинаку уредено ова прашање. Фондот врши обештетување и на физички и на правни лица до 100.000 евра.

Со оглед дека во нашето законодавство се е ставено заедно, сите средства без разлика од каде потекнуваат и како се нашле на сметка во банката се сметаат за депозит и во однос на сите депоненти – физички и правни лица, Фондот за осигурување на депозити има првенствено право на намирување од стечајната маса. Ова, како што веќе наведовме, претставува единствен ваков пример во регионот и во европа.

Особено во делот на правните лица ние не сме само единствен, туку и уникатен пример бидејќи иако правните лица не добиваат никакво обештетување, сепак Фондот во стечајната постапка има приоритет и во однос на нив. Со тоа, кај правните лица не се намалува, туку се зголемува несигурноста при работата, затоа што, доколку се случи ризичен настан, Фондот за осигурување на депозити, поради „јавен интерес”, преку приоритетот за наплата во стечајната постапка, ги зема нивните пари иако тие ништо не добиле од него. Наше е да укажеме дека вакво решение нема во споредбеното право, но и да предупредиме дека токму тоа решение може да предизвика сериозно штетни последици по стабилноста и сигурноста на финансискиот систем.

Во однос на финансиската состојба на Фондот за осигурување на депозити, Здружението доставува економско-финансиски показатели, од кои може да се утврди дека со укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки не може да се доведе во прашање сигурноста и стабилноста на финансискиот систем.

Имено, според сите финансиски показатели кои се јавно достапни, состојбата со средствата кои се на располагање на Фондот се, не само стабилни, туку одат и во нагорна линија. Така, според проекциите од Финансискиот план на Фондот за осигурување на депозити за 2021 година донесен на 25.12.2020 година, Фондот очекува годишно континуирано зголемување на приходите од платена премија на банките, кои до крајот на годината треба да достигнат 762.966.502 денари или околу 12.385.820 евра во вкупно наплатена годишна премија.

Со постојаните годишни приливи што Фондот за осигурување на депозити ги има како резултат на премијата што банките ја плаќаат од депозитите на физичките лица односно 0,25 отсто на годишно ниво, Фондот достигнува висина на сопствени средства над законски предвидениот минимум од 4 отсто од вкупните депозити во банките и штедилниците. И по исплатата на депонентите од Еуростандард банка, според јавно достапните информации од Фондот објавен во Финансискиот план за 2021 година, во мај 2021 година тој процент е 4,72 отсто или 0,72 отсто над минимумот. Поточно, во овој момент состојбата на приходи на Фондот  е 2.186.240.320 денари повеќе од законскиот минимум. Веројатно затоа Фондот нема потреба од дополнителни средства, поради што и премијата за банките и штедилниците останува непроменета на ниво од 0,25 отсто во 2021 година, иако во случај на потреба, таа може да се зголеми до 0,7 отсто колку што изнесува законскиот максимум.

Според овие податоци, апсолутно неосновани се сите изнесени стравувања дека со укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот би се довел во состојба на неможност да ја исполнува својата основна функција за обештетување на депонентите – физички лица доколку се случи ризичен настан.

Таква е состојбата доколку со Фондот се управува во согласност со закон и одговорно, но доколку постои ненаменско трошење на средствата, тогаш тоа не е прашање на неможност за исполнување на функцијата на Фондот, туку прашање за одговорност на луѓето кои раководат со Фондот. Евентуалното лошо работење на раководството на Фондот не смее да се покрива со средства на депонентите – физички и правни лица.

Затоа, сметаме дека не постојат ниту формални, ниту фактички причини за понатамошно одолговлекување, поради што го повикуваме Претседателот на Уставниот суд да ја закаже седницата до истекот на својот мандат. Сметаме на неговата доблест, без оглед на неговото мислење во однос на поднесената иницијатива. Бидејќи неговото мислење е негово право, но одржувањето на седницата е обврска која мора да се почитува“, се наведува во соопштението на Задружението.

Здружението на оштетени штедачи објавува соопштение со контрааргументи за издвоеното мислење на четворицата уставни судии

Издвоено мислење на неколку уставни судии во врска со постапката за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за член 163 став 3 од Законот за банките

Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити

Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд

Уставниот суд ќе расправа за членот 163 од Законот за банките по изјаснувањето на Антикорупциската комисија

Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд

Уставниот суд е пред историска одлука за ставање крај на безредието во банкарскиот систем, велат оштетените штедачи

Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка

ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“

Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра

Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка

ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки

Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“

На 15 септември започнува обесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ со право на обесштетување

Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“

ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени

Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај

Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка

Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

М.В