/ Прочитано:

2.002

Здружението на млади правници едуцира за постапувањето со непридружуваните деца – бегалци и мигранти

Семејното обединување е долга процедура и со западноевропските земји постојат одредени правила, односно семејно обединување може да се направи само меѓу сопружници и меѓу родители и деца. Не може да се направи обединување меѓу сестри и браќа.

деца бегалци

Пристапот кон непридружуваните малолетници (бегалци и мигранти од Сирија и од останатите земји од Блискиот Исток и од Северна Африка) кои пристигнуваат во Македонија е од исклучителна важност поради понатамошните постапки низ кои мора да поминат во различните институции. Во оваа насока, Здружението на млади правници организира континуирани обуки со цел сите засегнати страни да постапуваат правилно во однос на безбедноста на децата и со цел заштита на нивните права.

„Македонските институции имаат усвоено стандардни оперативни процедури за постапување со непридружувани деца странци и за постапување со ранливи категории (лица странци). Тоа се официјални документи за меѓуресорско постапување меѓу институциите и невладините организации и во нив точно се определени улогите на секоја од институциите во секоја фаза од постапката во работа со ранливите категории ( непридружувани деца, бремени жени, самохрани родители, стари лица, лица со пречки во развојот и припадниците на ЛГБТ-заедницата). Двете процедури содржат 6 постапки кои се од големо значење, прво за идентификување, а потоа и за понатамошно упатување на лицата кои имаат статус на бегалец или мигрант“, вели Наташа Станоевиќ, социјален работник во Центарот за социјални работи.

Кога станува збор за непридружувано дете, како што објасни Станоевиќ, прво мора да се направи детална процена на неговата состојба, а потоа му се назначува старател.

„Освен Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, Министерството за труд и социјална политика треба да определи и друго место за сместување за барателите на азил и непридружуваните деца. Стручно лице од Центарот за социјална работа е законски старател на децата, кој се грижи за неговите права и секогаш го зема најдобриот интерес на детето. Со децата правиме интервју во присуство на преведувач и добиваме информации за тоа каде се родителите. Откако ќе ја завршиме оваа процедура, правиме процена за тоа дали може да се направи семејно обединување со некои од родителите. Постапката ја покренува старателот преку службата за семејно обединување на Црвениот крст. За децата кои се сместени во објектот се грижат стручни лица, но законски определениот старател му е на располагање на детето 24 часа, и негова обврска е здравјето на детето, неговите лични потреби (облека и храна), а освен тоа и придружување на детето во сите постапки пред надлежните институции, вели Станоевиќ.

Таа објасни дека многу од децата се сведоци во постапка пред обвинител, поради што старателот мора секогаш да биде присутен, односно да го придружува детето при давање исказ. Доколку утврди старателот, објаснува Станоевиќ, дека во текот на постапката му се загрозуваат правата на детето (му се поставуваат прашања кои не соодветствуваат на неговата возраст или доколку увиди дека разговорот го растревожува детето), старателот има право да побара да прекине постапката.

Во однос на семејното обединување, Станоевиќ вели дека тоа е долга процедура и дека со западноевропските земји постојат одредени правила, односно семејно обединување може да се направи само меѓу сопружници и меѓу родители и деца, нагласувајќи дека не може да се направи обединување меѓу сестри и браќа.

„На територијата на Македонија сме имале неколку семејни обединувања. За целосно исполнување на оваа процедура постои посебен образец на англиски и на македонски јазик и се прави записник за примопредавање, кој го потпишува старателот/родителот. Како пример би го издвоила случајот со две малолетни сестри од Авганистан кои девет месеци престојуваа во објектот за сместување ранливи категории. Откако нивната мајка со другиот дел од семејството беше лоцирана во Грција, беше започната постапката за семејно обединување. Во оваа процедура беа вклучени МВР, министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција и канцелариите на УНХЦР во двете земји. По неколкумесечна соработка и максимално ангажирање, семејството беше обединето, односно децата ѝ беа предадени на мајката на граничниот премин Евзони“, нагласи Станоевиќ.

Од почетокот на 2016 година до сега им бил назначен старател на 25 непридружувани деца и за нив од страна на старателот било поднесено барање за признавање на правото на азил. Поради фактот дека станува збор за долги процедури, едно од децата кое е сместено во објектот за сместување на барателите на азил и на непридружуваните деца веќе има добиено право на супсидијарна заштита.

Станоевиќ појасни дека правото на супсидијарната заштита значи дека детето има право на образование, здравствена заштита, а доколку се работи за полнолетни лица кои добиле право на супсидијарна заштита, може да го остварат правото на социјална парична помош и парична помош за домување. Имаат право на работа, на преквалификација, па дури можат да отворат и сопствен бизнис, односно целосно да бидат интегрирани во општеството.

Непридружуваните деца, кои во моментов се во земјава, не одат на училиште бидејќи тука се краток временски период и не го знаат јазикот, но во објектот каде што се сместени има стручен тим составен од психолог, педагог и социјален работник кои им организираат едукативни активности ( изучување македонски и  англиски јазик и математика), а слободното време им е организирано со разни рекреативно-спортски активности.

Мигрантите и бегалците од завојуваните жаришта во светот сè уште во најголем број влегуваат во Македонија на јужната граница, најчесто од Грција, но има и случаи кога доаѓаат и преку Бугарија. Обуката што ја организира Здружението на млади правници е со цел запознавање со сите постапки околу прифаќањето и постапувањето со мигрантите, особено со децата, а е наменета за сите релевантни институции кои се вклучени во овој процес.

А. Б.