/ Прочитано:

1.296

Здружението на оштетени штедачи објавува соопштение со контрааргументи за издвоеното мислење на четворицата уставни судии

Здружението на оштетени штедачи објавува соопштение со контрааргументи за издвоеното мислење на четворицата уставни судии. Соопштението го објавуваме во целост:

„Во образложението на даденото издвоено мислење од четворицата уставни судии провејуваат ставови од кои, на очигледен начин, може да се препознае влијанието на структури од извршната власт, во содејство со банкарското лоби, кои во изминатиов период вршеа огромен притисок врз судиите на Уставниот суд.

Првата поента на судиите со издвоеното мислење им била дека ова прашање било пресудена работа – res judicata, но набргу самите ретерираат од ваквиот став, бидејќи признаваат дека еднаш заземен став и донесена одлука не може да биде кочница во еволуација на ставовите што ги застапуваат судиите. Значи, тука состојбата е сосема чиста, формално-правно, не постои пречка за одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки.

Второто прашање на кое четворицата судии го издвоиле своето мислење е прашањето за еднаквоста, притоа сметајќи дека ова прашање не е спорно од аспект на Уставот, како што сметале мнозинството на судии кои ја донеле одлуката. Спорно било што, согласно член 9 од Уставот, еднаквоста се однесувала за физички лица, но не и за  правни лица. Или, според четворицата уставни судии, граѓаните и правните лица никогаш не добиле третман на еднакви според Уставот и законите од едноставна причина што според начинот на функционирање и дејствување во правните односи, тие не се еднакви. Но, овде не се работи за изедначување – еднаквост меѓу физички и правни лица, туку за односи меѓу правни лица – доверители на банка во стечај. Бидејќи, како што самите четворица уставни судии наведуваат, и Фондот за осигурување на депозити е правно лице, согласно член 3 од Законот за Фондот. Значи, се работи за однос на правно со правно лице. Сосема погрешно четворицата уставни судии сметаат дека позицијата на Фондот во стечајната постапка за банка треба да биде поинаква во однос на другите доверители –  правни лица и не може да се прифати еднаквост само затоа што Фондот бил основан со закон и бил во сопственост на државата. Овој аргумент во целост е неоснован, бидејќи во банка врз која е отворена стечајна постапка, најчесто можат да се најдат и се наоѓаат средства и на други државни органи (министерства, агенции, дирекции, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост и слично), но сепак тие ја немаат истата привилегија како Фондот за осигурување на депозити. Значи, правни лица има многу, во приватна или државна сопственост, но само едно меѓу нив (Фондот за осигурување на депозити) има приоритет при наплата на побарувања од стечај на банка. Дали ова не значи директен упад во правото на сопственост на правните лица, спротивно на член 30 од Уставот? Со што Фондот го гарантира правото на сопственост на правните лица, приватни, јавни или државни сеедно, за да може да добие приоритет при сопственото обештетување кое произлегува од неговите односи во релација со депонентите – физички лица до 30.000 евра?

Четворицата судии кои дале издвоено мислење, понатаму наведуваат дека одредена нееднаквост, особено во делот на обештетувањето на правните лица, не е проблем на оспорената одредба од Законот за банки, туку треба да се бара во отсуство на регулатива, пред се во однос на Законот за фондот за осигурување на депозити, каде не било предвидено осигурување на депозитите на правните лица. Навистина, во Законот за Фондот нема одредби за осигурување на депозитите на правните лица, но одредбата на Законот за банки треба да се гледа во контекст на Уставот, а  не во релација со Законот за фондот. Дури и да се прифати тезата дека постои отсуство на регулатива во поглед на правните лица, се поставува логично прашање, што значи тоа отсуство на регулатива во однос на Уставот, или поточно, што значи тоа при оценката на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки? Дали отсуството на законска регулатива може да влијае врз уставноста на нападнатата одредба? Секако дека не, бидејќи која и каква регулатива во иднина ќе биде донесена, уставните судии не можат да знаат. Тие оценуваат дали според сегашната регулатива одредбата е уставна или не. Тука прашањето е многу едноставно, и не може ниту смее да зависи од „отсуство на регулатива”.

Следна неодржлива теза која провејува во издвоеното мислење на четворицата уставни судии е обидот да се поврзе оспорената одредба со социјална правда, стабилноста на банкарскиот систем, дури се оди и дотаму, што оваа одредба се поврзува со стабилноста на целокупниот финансиски систем во државата. Тука веќе на јасен и недвосмислен начин може да се препознае влијанието на извршната власт и банкарското лоби врз ваквото стојалиште. Така, за четворицата уставни судии, проблематично било тоа што во решението за поведување на постапка имало констатација дека Фондот бил државен инструмент кој ја обезбедува сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем што било прашање од јавен интерес и, од тука, оспорувањето на неговото законски утврдено право на приоритетно намирување било, најблаго кажано, контрадикторно. Но, ова само навидум може да биде контрадикторно, бидејќи Фондот не е основниот инструмент преку кој се обезбедува сигурност и стабилност на БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ. Начинот на кој Фондот на посреден начин влијае, преамбициозно е да се каже дека ја обезбедува сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем. Од член 5 до член 8-а од Законот за фондот за осигурување на депозити, предвидено е на кој начин се обезбедуваат средства за исплата на осигурените депозити токму поради одржување на доверба на депонентите во банкарскиот систем. Притоа, во ниту една од овие одредби не е утврдено дека сигурноста на банкарскиот систем се одржува со средства од стечајна маса на пропадната банка. Тешко на таа стабилност ако чека средства од стечајна маса. Од таму, во мислењето на четворицата судии има една неоснована нитка за заплашување на штедачите до 30.000 евра, дека со укинување или поништување на член 163 став 3 од Законот за банки можат тие да бидат загрозени, или дека ако сите бидат еднакви, немало потреба од Фонд за осигурување на депозити. Тоа се ставови кои во изминатиов период ги пласираа одредени „апологети” на извршната власт, но за жал, тоа се целосно, не само неосновани, туку и невистинити „приказни” од кои најмалку треба да се раководат судиите на Уставниот суд.

Втората нитка која провејува е ставот на четворицата судии, во кој искажуваат наводен „нивен страв”дека со интервенцијата на Уставниот суд, Фондот нема да можел брзо да ги надополни средствата што ги исплатил на осигурените физички лица и во настанување набрзо на нов случај, нема да може да одговори на својата функција. Овде веќе може да се препознае влијанието на банкарското лоби, но за да се ослободат уставните судии од „сопствениот страв” околу можноста Фондот брзо да ги надополни средствата, ги упатуваме со внимание да ги прочитаат членовите 7, 8 и 8-а од Законот за фондот за осигурување на депозити. Читајќи ги овие членови од законот, веруваме дека ќе престанат да се плашат како Фондот би можел брзо да ги надополни средствата што ги исплатил. Доколку навистина „се плашат” поради Фондот, но доколку пак, стравот е поради висината на годишната премија што во Фондот ја плаќаат банките, за тоа не мораат да се плашат. Бидејќи постои можност банките да издејствуваат ликвидноста на Фондот да се обезбеди, според начелото на „социјална правда”, преку задолжувања во земјата и странство, позајмици од Буџетот или откуп на хартии од вредност во сопственост на Фондот. Или, со други зборови, за стабилноста на банкарскиот систем, место банките, да плаќаат граѓаните. Тоа е целта на банкарското лоби, и не треба никој да има сомнеж дека ако банките можат да вршат притисок врз Уставниот суд, уште полесно ќе им биде тоа да го прават кај претставници на извршната власт. Министерството за финансии веќе покажа сериозни активности во таа насока.

Според четворицата уставни судии, од уставно-правна точка, единствено спорно било дали е уставно-оправдано законодавецот да му додели привилегирана положба на Фондот во однос на сите други доверители при стечај на банка? Во одговорот на ова прашање, потписниците на издвоеното мислење укажуваат дека преку Фондот се остварувал јавниот интерес – одржување на стабилноста на финансискиот систем и неговото работење кое било уредено со Законот за Фондот за осигурување на депозити. Значи, сега не само стабилноста на банкарскиот сектор, туку преку Фондот се одржувала стабилноста и на ФИНАНСИСКИОТ СИСТЕМ. По се изгледа дека на четворицата уставни судии не им објасниле од Министерството за финансии дека ФИНАНСИСКИОТ СИСТЕМ е многу поширок поим од БАНКАРСКИОТ, и дека финансискиот систем претставува збир од финансиски институции, регулативи, техники, финансиски пазари, инструменти, додека банките влегуваат во редот на финансиски посредници и се само дел од финансискиот систем.

Неговата улога во делот на јакнење на стабилноста на банкарскиот систем е повеќе психолошка, бидејќи ниту во Законот за Фондот, ниту во било кој друг закон не е утврдено, ниту уредено дека Фондот е инструмент за обезбедување на сигурноста на банкарскиот систем. Инаку, основната функција на Фондот е да ги обештетува осигурените депозити на физичките лица во банките и штедилниците, во кои се случил ризичен настан. Ваквата функција на Фондот сигурно има влијание за сигурноста кај граѓаните, но тоа неосновано се глорифицира од страна на четворицата уставни судии и значењето на Фондот се издига до степен на неприкосновен јавен интерес наспроти сите други. Да бидеме јасни, во делот на стабилноста на банкарскиот систем, Фондот за осигурување на депозити не може да се поврзува со јавниот интерес. Ако стабилноста на банкарскиот систем претставува јавен интерес, тогаш Народната Банка е таа која се грижи за овој јавен интерес. Обезбедување на стабилност на банкарскиот систем како јавен интерес е основна надлежност на Народна Банка, додека во банките свои средства чуваат и други државни органи кои можат да се квалификуваат како заштитници на јавен интерес од поинаков карактер. Дури, во случајот на Еуростандард банка, доверител во стечајната постапка е самата Народна Банка како носител на стабилноста на банкарскиот систем и на јавниот интерес во оваа област, но сепак, нема приоритет за наплата. Какво оправдување од аспект на Уставот има такон приоритет да се даде на Фондот за осигурување на депозити?

Останатите наводи, особено цитатите на одредби од Законот за стечај и примери на побарувања од различен карактер не се од влијание за одлучување по оваа иницијатива, бидејќи Законот за стечај не е предмет на оценка на уставноста со поднесената иницијатива.

Во однос на даденото споредбено право, примерите што се дадени од четворицата судии, само потврдуваат дека законодавството во земјите на Европската Унија, но и во нашето соседство и регионот, не е унифицирано. И според Министертвото за финансии и според примерот даден од четирите судии во Издвоеното мислење Фондот за осигурување на депозити во Германија е на четврто место за намирување во стечајна постапка. Секој на различен начин го уредил ова прашање, но основна интенција на секое законодавство треба да биде заштита и јакнење на позицијата на депонентите и на тој начин создавање на услови за зголемување на сигурноста во банкарскиот и во финансискиот систем како целина. Во нашата држава, според сегашната поставеност на регулативата, максимално е зајакната позицијата на банките и нивните профити место позицијата на депонентите. Тука идеално се вклопува Фондот за осигурување на депозити во однос на другите доверители при случај на побраувања од банка во стечај и позицијата што му ја дава член 163 став 3 од Законот за банки. Затоа, нашето законско решение е единствено во Европа, можеби и пошироко. Значи, не само што поставеноста на Фондот како приоритетен доверител е неуставна поради причините образложени во Иницијативата за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, туку ваквата поставеност не прави ЕДИНСТВЕНИ во Европа. Во таа смисла, ќе наведеме неколку примери:

  1. Во Црна Гора се обештетува до 100.000 евра депозит на физички и правни лица, како и парични средства безлимитдобиени од продажба на недвижност, парични средства добиени по Пресуда по друг основ, парични средства кои биле на трансакциска сметка.
  2. Во државите во ЕУ до 100.000 евра депозит на физички и правни лица, како и парични средства без лимитдобиени од продажба на недвижност, парични средства добиени по Пресуда по друг основ, парични средства кои биле на трансакциска сметка.

Наспроти  ваквите решениеја, во нашата држава обештетувањето што го врши Фондот е до 30.000 евра депозит само на физички лица, при што под депозит се подразбира депозити и парични средства на трансакциска сметка.

Затоа, изборот е многу едноставен, на едната страна е несигурноста, нестабилноста и неправдата, додека на другата страна е владеењето на правото, заштитата на јавниот интерес, уставноста и законитоста.

Поради горенаведеното, Здружението предлага Владата да достави Одговор до Уставниот суд  по Решението за повеведување на постапката за оценка на уставноста и законитоста У.бр. 247/20 од 21.04.2021 година СОГЛАСНО УСТАВ И ЗАКОН, а не според налог на Министерот за финансии и банкарското лоби“, се наведува во соопштението на Здружението.

Издвоено мислење на неколку уставни судии во врска со постапката за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за член 163 став 3 од Законот за банките

Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити

Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд

Уставниот суд ќе расправа за членот 163 од Законот за банките по изјаснувањето на Антикорупциската комисија

Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд

Уставниот суд е пред историска одлука за ставање крај на безредието во банкарскиот систем, велат оштетените штедачи

Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка

ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“

Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра

Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка

ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки

Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“

На 15 септември започнува обесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ со право на обесштетување

Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“

ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени

Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај

Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка

Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

М.В