Здружението на судии ќе биде партнер во спроведувањето на реформите во правосудството
Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска, и претседателот на Здружението на судии на Република Македонија, д-р Џемали Саити, остварија работна средба, на која се разговараше за реформите во судството, за подобрување на статусот на судиите и обезбедување независност на судството, за реформирање на системот за оценување и евалуација на работата на судиите, и ефикасноста на судските постапки.
Министерката Дескоска изрази заложба за продолжување на соработката со Здружението на судии на Република Македонија и потенцираше дека партнерскиот однос ќе продолжи и во спроведувањето на реформите во правосудството.
Во рамките на средбата, претседателот Саити изрази задоволство од досегашната соработка и од вклученоста на Здружението во реформскиот процес на правосудниот сектор, согледувајќи ги постигнатите резултати и слабости на овој процес, и притоа ја истакна потребата од продолжување на оваа соработка и изнаоѓање на сеопфатни решенија.
Во фокусот на оваа средба беа идните чекори кои се однесуваат на измените на законската регулатива со цел подобрување на статусот на судиите и градење на мерки за независно и самостојно судство, имајќи ги предвид предлозите и забелешките на судиите досега изразени во повеќе документи на Здружението на судиите на РМ.
На средбата претставниците на Здружението ја истакнаа потребата од корекција, односно зголемување на платите на судиите и судската администрација, во согласност со утврдените критериуми, како барање кое подолг период е актуализирано од страна на Здружението пред повеќе релевантни институции, а по секојдневните забелешки и укажувања од страна на судиите, и во тој контекст изразија надеж дека министерката ќе преземе соодветни чекори со цел надминување на оваа состојба. Министерката за правда изрази благодарност за соработката со Здружението на судиите со надеж дека таа ќе продолжи, притоа изрази разбирање за истакнатите барања и се заложи дека ќе преземе конкретни активности.
М.В