/ Прочитано:

1.000

Здружението на судии на РМ го честита 31 март – Денот на правосудството

Петок, 29 март 2013 – Здружението на судиите на РМ, на сите судии, јавни обвинители, правобранители, адвокати, медијатори, нотари, извршители, судски службеници и судски советници, судска полиција и на сите вработени во судовите им го честита 31- ви Март, денот на правосудството со надеж и желби за понатамошни развој на унапредување на правната мисла и владеење на правото.

Функционирањето на судството, како носител на сегмент од власта кој се грижи за обезбедување и афирмација на правната сигурност, има круцијална улога во доследното почитување на принципот на владеење на правото и заштитата на индивидуалните и колективните слободи и права што овозможува реализација и унапредување на високите цивилизациски и општоприфатени идеи и стандарди за демократија во општеството, стои во соопштението на Здружението на судии на РМ.

Здружението потсетува на корените на македонскиот правосуден систем

Формирањето на првите редовни цивилни судови во Македонија, почнува со донесувањето на Одлуката на второто заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, за формирање на судски органи и поверенство за судство како и судски оддели при народноослободителните одбори и нивните задачи. На 20 октомври 1944 година е донесено решение на президиумот на АСНОМ во кое со точка 12 се предвидува дека до целосното уредување на правосудството во Македонија, судењата ке се вршат во рамките на народноослободителните одбори. За разлика од револуционерните судови – судовите на партизанските одреди, во овој период се јавуваат како хибриден вид на правосудни органи кои иако формирани од НОВ на Македонија, сепак се карактеристични по две нешта и тоа, прв пат станува збор за правосудни органи засновани со акт на законодавно тело, и органи кои се одвоени од воената структура, како таква доминантна во сите сфери на живеењето во тој период.

 На 31 март 1945 година е донесена повелба на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решение на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со повелбата се основани 25 околински судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола, и Врховен суд со седиште во Скопје. Поради ова31 март 1945 година се смета за ден на основање на судовите, односно поставување на темелите на судството во Република Македонија.