/ Прочитано:

1.636

Здружението на судии објавува повик за доставување на трудови за објавување во новиот број на „Македонска судска ревија“

Здружението на судии на Република Македонија објавува јавен повик за доставување на трудови за објавување во новиот број на „Македонска судска ревија“, кој се однесува на зајакнување на независноста и транспарентноста на судството во Република Македонија, како основен дел од начелото на владеење на правото.

Трудовите треба да бидат прецизирани и адаптирани во согласност со 4 (четирите) предвидени теми што се однесуваат на зајакнување на независноста на судството и судиите и пристапот до правда, односно:

  • Казнена политика на судовите во РМ: актуелни предизвици и предлог- решенија
  • Зајакнување на независноста на судството преку ревидирање на законските механизми за одговорност на судиите (кривична, граѓанска и дисциплинска)
  • Подобрување на транспарентноста на судството
  • Реформа на судството во насока на јакнење на неговата независност и непристрасност.

Сите трудови мора да бидат испратени најдоцна до 20 ноември (понеделник) 2017 година на електронската адреса на Здружението на судии на Република Македонија (mja@mja.org.mk) со наслов „Судска ревија 2/2017“. Избраните автори ќе бидат известени најдоцна до 27 ноември 2017 година.

Селекцијата на трудовите ќе се изврши во согласност со внатрешните правила и механизми за селекција на трудови за објавување во ревијата, издадени од Уредувачкиот одбор, односно:

1) трудот треба да се достави во електронска форма во Word (Doc или Docx) формат

2) само трудовите напишани на македонски, англиски, српски или хрватски јазик ќе бидат земени предвид

3) трудовите да бидат во обем од најмногу еден авторски табак (16 страници) пишувани со фонт: Times New Roman, големина на букви – 12, проред 1,5

4) фуснотите во текстот треба да бидат напишани во фонт Calibri, со големина на букви – 10

5) трудот треба да содржи апстракт од 300 зборови, 5 (пет) клучни збора и кратка биографија за авторот/ите во првата фуснота, напишани и на македонски и на англиски јазик (биографските податоци за авторите ќе бидат додадени по оценувањето на трудот)

6) поврзаност на трудот со предвидените теми.

М.В