/ Прочитано:

1.885

Здружението на судиите на РМ ги усвои измените и дополнувањата на Статутот на Здружението

Управниот одбор на Здружението на судиите на Република Македонија на седница ги усвои предлог-измените и дополнувањата на Статутот на Здружението, предложени од Комисијата за нормативна дејност, а по претходно спроведена јавна расправа во подружниците на ЗСРМ.

Во оваа насока, Управниот одбор ги разгледа и подготвителните активности за одржување на редовното годишно собрание и усвои мерки за негово успешно организирање.  На оваа седница, Управниот одбор расправаше и за состојбата со платите во судството, при што уште еднаш заклучи дека надлежните органи, односно Судскиот совет на РМ и Судскиот буџетски совет не манифестираат релевантен пристап кон ова прашање, т.е. барањата на судиите за законско усогласување на платите и последните покачувања во Јавното обвинителство.

Оттука, нагласуваат од Здружението на судиите, Управниот одбор на ЗСРМ повторно остро реагира на таквото однесување и повикува на соодветен и одговорен пристап кон овие прашања, со цел исполнување на барањата на судиите.

„Во овој контекст, и понатаму Управниот одбор на ЗСРМ инсистира на воспоставување  вистински дијалог за изнаоѓање на соодветно решение. Овие активности на Управниот одбор се водени од ставовите и препораките на подружниците, кои воедно ги осудуваат ваквите постапки на надлежните органи и ги охрабруваат активностите на Управниот одбор и претседателот на Здружението, сè до изнаоѓање на соодветно решение, со предлог-мерки за модификација на досегашните активности, во однос на ова прашање.

Управниот одбор на Здружението на судиите на РМ расправаше и за новите предизвици во судството, а притоа ја утврди потребата од градeње на соодветен пристап, а со цел зачувување на автономниот пристап на Здружението, во напорите за заштита на интересите на судиите“, посочуваат од Здружението на судиите на РМ.

М.В