/ Прочитано:

1.605

Здружението за церебрална парализа ја започна кампањата „И јас сакам да гласам“

Во рамки на овој проект „И јас сакам да гласам“, била спроведена анкета во која биле вклучени стотина лица со потежок облик на физички или психички инвалидитет. Резултатите покажуваат дека најголемиот број од анкетираните не се информирани за можноста да гласаат дома, дел добиле и погрешни информации дека немаат таква можност, а дел рекле дека не сакаат дома да им доаѓаат избирачки комисии.

„И јас сакам да гласам“ е медиумската кампања на Здружението за церебрална парализа од Тетово, кое официјално ја започна денеска, а во пресрет на локалните избори што треба да се одржат на 15 октомври.

Претседателот на Здружението за церебрална парализа, Зоран Андонов, на денешната прес-конференција истакна дека целта на кампањата е да ги информираат лицата со посебни потреби и нивните семејства, старатели и блиски за можностите за гласање како на претстојните локални избори, така и во следните изборни циклуси.

Андонов потенцираше дека приоритет во овој проект е тоа што вклучува можност лицата со посебни потреби да гласаат во домашни услови.

„На последните парламентарни избори навистина беше мал бројот на лица со посебни потреби кои го остварија своето право на глас, па токму затоа постои реална потреба за поголема информираност на хендикепираните лица за оваа можност за гласање, односно остварување на нивното право на глас во домашни услови. Инаку, според нашите податоци, на последните парламентарни избори што се одржаа во декември 2016 година, од вкупно 22 лица, во Тетово во домашни услови гласале шест хендикепирани лица, во општина Јегуновце само две, а во другите општини имало само стари и изнемоштени лица“, нагласи Андонов.

Во рамки на овој проект „И јас сакам да гласам“, била спроведена анкета во која биле вклучени стотина лица со потежок облик на физички или психички инвалидитет. Резултатите покажуваат дека најголемиот број од анкетираните не се информирани за можноста да гласаат дома, дел добиле и погрешни информации дека немаат ваква можност, а дел рекле дека не сакаат дома да им доаѓаат избирачки комисии. Од друга страна, голем дел од оние со лесна попреченост излегле и гласале на своето гласачко место.

Од Здружението за церебрална анализа најавија дека во рамки на проектот ќе бидат одржани и јавна трибина и дебатна емисија на локална телевизија, а по добивањето на сите информации ќе биде изработен и флаер со потребната документација, барање и сè што е потребно за да се добие право за гласање во домашни услови.

Кампањата „И јас сакам да гласам“ е поддржана и од граѓанската асоцијација „Мост“, пред сè, поради тоа што на последните избори бил забележан огромен пораст на барања за гласање во домашни услови.

А. Б.