/ Прочитано:

1.291

Земјите од Западен Балкан усвоија документ за учество на јавноста во креирање на јавните политики

Документот „Препорака за учество на јавноста за Западен Балкан“ е усвоен на осмиот состанок на Управниот одбор на министрите што го организираше Регионалната школа за јавна управа во Тирана, а препораките што ги подготви Советот за регионална соработка се резултат на заеднички активности со земјите од Западен Балкан. Препораките што ги подготви Советот за регионална соработка треба да придонесат кон тоа политиките да бидат првенствено ориентирани кон граѓаните, државната служба да стане попрофесионална во својата работа преку транспарентност и пристап до информации, како и да придонесат за подобрување на системот за ефикасно постапување по жалбите на граѓаните во врска со лошото управување во јавните служби.

Министрите задолжени за реформи во јавната управа од земјите на Западен Балкан, на состанокот во Тирана, кој се одржа на 6 ноември, ги усвоија препораките за учество на јавноста во процесот на донесување одлуки. Тие, како што наведува „Еуроактив“, се формирани врз основа на потребата за поголем ангажман и поголема улога на јавноста и граѓанското општество во процесот на донесување закони и одлуки.

Реформата на јавната управа е од исклучителна важност во процесот на европската интеграција, но лошото регулаторно опкружување ги загрозува деловната конкурентност и довербата на граѓаните во власта, поради што Советот за регионална соработка подготви препораки, со цел да се надминат недостатоците.

Документот „Препорака за учество на јавноста за Западен Балкан“ е усвоен на осмиот состанок на Управниот одбор на министрите што го организираше Регионалната школа за јавна управа, а препораките што ги подготви Советот за регионална соработка се резултат на заеднички активности со земјите од Западен Балкан.

„Препораките претставуваат група насоки и правила, со цел поттикнување и помош на владите, во насока на тоа политиките и прописите што ги подготвуваат, да ги подготвуваат на инклузивен начин, односно да овозможат активно учество на општеството, вклучувајќи ги невладините организации и приватниот сектор, како советодавните тела“, соопшти Советот за регионална соработка.

„На регионот му недостасува транспарентност во подготовката и усвојувањето на одлуките и политиките, како и поголемо учество на граѓанското општество во тој процес. Затоа, препораките што ги подготви Советот за регионална соработка треба да придонесат кон тоа политиките да бидат првенствено ориентирани кон граѓаните, државната служба да стане попрофесионална во својата работа преку транспарентност и пристап до информации, како и да придонесат за подобрување на системот за ефикасно постапување по жалбите на граѓаните во врска со лошото управување во јавните служби“, нагласи Раду Котичи, експерт за реформи во јавната управа и борбата против корупцијата во Советот за регионална соработка.

Според него, земјите од Западен Балкан се стремат кон модерни економии, на кои за раст, вложувања, иновации, отвореност на пазарите, како и за поддршка на владеењето на правото им е потребно паметно донесување на прописите, со вклученост на целото општество.

Со цел јавноста ефикасно да учествува во процесот на креирање и донесување политики, потребно е јавноста практично да биде дел од целиот тој процес и тоа треба доследно да се применува при изработката на закони, подзаконски акти и политики и стратешки документи.

Во документот „Препорака за учество на јавноста за Западен Балкан“ се препорачува учеството на јавноста да биде составен дел од секоја анализа за ефектите на прописите, а може да биде ограничено само во исклучителни случаи кои однапред мора да бидат дефинирани и јасно образложени. Препораките предвидуваат обезбедување финансиски ресурси и кадар потребни за спроведување на процесот за учество на јавноста, достапност на информации во сите фази на креирањето политики и обезбедување канали за постојана комуникација.

Во документот се истакнува и важноста на транспарентноста, надзорот на активности и контролата на квалитетот на процесот на учество на јавноста во донесувањето одлуки. Кога станува збор за информирање на јавноста и нејзино активно вклучување во процесот на одлучување за прашање што е предмет на разгледување, во усвоениот документ се оценува дека автоматските покани по електронска пошта и соопштенијата на интернет страниците на државните институции често не се доволни да се привлече вниманието на јавноста, па затоа е потребен поактивен пристап.

Процесот на донесување одлуки треба да опфаќа јавни консултации и дебати, а стопанствениците и граѓанските организации, како и други групи, можат да бидат активно вклучени во фазата на спроведување, со тоа што ќе го актуализираат прашањето и ќе прибираат информации и искуства во поглед на негова примена.

Во наредниот период, Советот за регионална соработка и Регионалната школа за јавна управа активно ќе ја следат примената на препораките од усвоениот документ „Препорака за учество на јавноста за Западен Балкан“.

А. Б.