/ Прочитано:

595

Зголемен бројот на посебните истражни мерки – најмногу за нелегалната трговија со наркотици

„Во основните јавни обвинителства во Република Северна Македонија во текот на 2019 година применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во вкупно 103 случаи, против 338 лица со утврден идентитет, 17 лица со неутврден идентитет и 313 предмети на кривично дело“, се нотира во извештајот на Јавното обвинителство.

За компарација, образложуваат од Јавното обвинителство, во 2018 година во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во вкупно 95 случаи, против 317 со утврден идентитет и 551 предмети на кривично дело.

Доколку се изврши анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2019 година, додаваат од Обвинителството, со бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2018 година, може да се констатира дека во текот на 2019 година постои зголемување на бројот на спроведени посебни истражни мерки во однос на 2018, и тоа од 95 случаи на 103 случаи, што значи зголемување од 8,4%.

Исто така, бројот на лица со утврден идентитет против кои се применети мерките е зголемен од 317 лица во 2018 година на 338 лица во 2019 година, или за 6,6%. Во делот на мерките кои се применуваат по бројот на предмети постои значително намалување, и тоа од 551 предмети на кривично дело во 2018 година на 313 предмети на кривично дело во 2019 година или за 43%.

„Треба да се напомене дека вкупниот статистички преглед на број на случаи и бројот на лица со утврден и со неутврден идентитет спрема кои се спроведени посебни истражни мерки не претставува прост збир на поединечните бројки кои ќе бидат изложени во прегледот на примената на посебните истражни мерки по вид и по кривично дело. Ваквата состојба е резултат на фактот дека најчесто во пракса не се применува посебна истражна мерка само по еден основ, односно во повеќето случаи се оди на комбинирање на повеќе видови на посебни истражни мерки“, појаснуваат од Јавното обвинителство.

Најголем број посебни истражни мерки за нелегалната трговија со наркотици

„Со примена на посебните истражни мерки зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата  против организираниот криминал и корупција.

Забележливо е дека примената на посебните истражни мерки во текот на 2019 година има благ тренд на зголемување во однос на 2018 година, но сепак се движи во рамките на просекот на минатите години“, велат од Обвинителството.

Карактеристично е дека во однос на 2018 година примената на овие мерки  во 2019 година била поефикасна, времетраењето на примената на мерките е намалено и поголем број случаи завршиле со понатамошно процесирање, отворање на истрага и подигнување на обвинение.

„Ваквиот тренд е резултат делумно на рестриктивната политика во примена на посебната истражна мерка од чл. 251 ст. 1 т. 1 (Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации) и мерката од чл. 251 ст. 1 т. 3 (Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен) заради заштита на основните човекови слободи и права, а особено правото на приватност. Мерките се применувани само во ситуации во кои не може со конвенционални методи да се прибават докази.

Се забележува дека најголем број случаи во кои се применувале посебните истражни мерки се однесуваат на кривичните дела против здравјето на луѓето, односно неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од чл. 215 од КЗ во 27 случаи.

Видот на кривичните дела кои служеле како основа за примена на посебните истражни мерки укажува на тоа дека јавното обвинителство во текот на 2019 година, се соочи со предизвикот во борбата против организираниот криминал кој е поврзан и со нелегалната трговија со наркотици и со другите кривични дела на организиран криминал.

Детерминираноста на примената на посебните истражни мерки во борбата против организираниот криминал и корупција произлегува од потребата за сузбивање на дејствијата во една претходна постапка и обезбедување квалитетни докази за кривичен прогон. Во спротивно борбата против овој тежок криминал би била неефикасна.

Потребата од овој вид мерки за обезбедување на докази се потврдува и со фактот што значителен број истраги во кои биле користени завршиле со покренување обвинение и осудителни пресуди“, се нотира во извештајот на Јавното обвинителство.

М.В