/ Прочитано:

772

Зголемен бројот на претставки пред Советот на јавните обвинители

Во 2018 година, Советот постапувал по вкупно 201 претставка, што во однос на 2017 година, кога биле евидентирани 166 претставки, е зголемување на обемот на работа за 35 претставки или за 24%, се нотира во Годишниот извештај на Советот на јавни обвинители, кој е пред пратениците.

Од вкупно 201 претставка, најголемо учество, со поднесени 178 претставки, заземаат физички лица, 165 претставки поднесени се од оштетени, 8 претставки се од обвинети и 5 се од други субјекти.

Статистичките податоци укажуваат дека од вкупно поднесените 201 претставка,  непосредно до Советот се поднесени 198, а индиректно преку други институции се препратени 3 претставки.

„Од изразените статистички податоци евидентна е констатацијата дека во вкупниот број на поднесени претставки 201, обвинетите лица учествуваат со само 4% или во бројки само 8 претставки, додека доминантен бројот на претставки 165 или 82% поднесени се од оштетени лица во постапките.

Вo 62 случаи претставките се однесуваат на работата на конкретни јавни обвинители, а во 139 претставки изразено е незадоволство од работата на јавните обвинителства“, се вели во извештајот.

Најголем број претставки се однесуваат на работата на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје, со оглед на  обемот на работата што го има ова обвинителство во вкупниот обем на работа на сите основни јавни обвинителства во Републиката.

„Oштетените граѓани и правните лица се незадоволни  заради наводно непостапување или неажурно постапување по поднесени кривични пријави и недобивање на известувања од нивна страна во подолг период, а особено се незадоволни од  донесените  решенија за отфрлање на кривичните пријави кои во голем процент и се обжалени до вишите јавни обвинителства.

Во мал број случаи претставките се однесуваат и на застарувања на кривичното гонење. Во одредени случаи се забележува несоодветно постапување на основните обвинителства по напатствијата на вишите јавни обвинителства. Заради недостигот на јавни обвинители и друг јавнообвинителски кадар во основните јавни обвинителства, како што е и претходно наведено, се забележува зголемување на неажурноста во истите. Ваквата состојба особено се изразува во ОЈО Скопје и во ОЈО Гостивар“, се образложува во извештајот.

„Обвинетите лица како подносители на претставките се незадоволни дека против нив се водат кривични постапки, сметаат дека обвиненијата против нив се тенденциозни и резултат на нестручно постапување на јавните обвинители. Обвинетите сугерираат за повлекување на обвиненијата, за нивно прецизирање или измена на правната квалификација на кривичното дело и слично. Претставките на оштетените и обвинетите лица се и со барања за изземање на јавните обвинители, утврдување  на  дисциплинска одговорност и нивно разрешување“, истакнуваат понатаму од Советот на јавни обвинители.

„Советот во 2018 година согласно Законот, а на начин и во постапката пропишана со Деловникот за неговата работа, има  постапено по сите претставки. Мораме да нагласиме дека во текот на проверките на наводите во претставките, воочени се пропуштања во постапувањата на  јавните обвинители од формална природа, во мал дел и пропуштања од суштинска природа. Заради тоа од повисоките јавни обвинителства им е укажувано во иднина да не се повторуваат вакви повреди,  меѓутоа констатирано е дека истите не биле од влијание на законитоста  на донесени одлуки“, се додава во извештајот.

М.В