/ Прочитано:

1.858

Зголемен бројот на пријавени случаи на дискриминација

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави Годишниот информатор за дискриминација за 2018 година. Според извештајот, пријавени се 119 случаи на дискриминација, што претставува зголемување на бројот на пријавени случаи, појасни денеска Игор Јадровски, проектен координатор во Комитетот.

Според добиените податоци, како најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: полот и родот, сексуалната ориентација, етничката припадност, попреченоста и религијата. Најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: работните односи, пристапот до добра и услуги, здравството и образованието.

Според податоците, постои значително зголемување на пријавувањето дискриминација во областа на работните односи, но и во делот на пристапот до јавни добра и услуги.

Нееднаквиот третман кон определено лице или група на лица поради нивните лични карактеристики претставува дискриминација. Основите, видот и областите во кои се забранува дискриминацијата најдетално се опфатени со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го спроведува проектот „Унапредување на човековите права“.

Една од активностите во рамките на овој проект е и подготовката на Годишниот информатор за дискриминација за 2018 година, кој ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани за регистрираните случаи на нееднаков третман, информациите од јавен карактер добиени од првостепените судови за бројот на судски постапки во делот на заштита од дискриминација, како и обработка на податоците од годишните извештаи за 2018 година на Комисијата за заштита од дискриминација и на Народниот правобранител во однос на регистрираните случаи, поведените постапки и донесените мислења за заштита од дискриминација.

Годишен информатор за дискриминација за 2018

М.В