/ Прочитано:

1.255

Зголемен е бројот на позитивни судски одлуки за заштита од дискриминација

Хелсиншкиот комитет за човекови права, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го спроведува проектот „Промоција на толеранцијата и недискриминацијата“.

Една од активностите во рамките на овој проект е подготовка на Годишен информатор за дискриминација за 2017 година, кој ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани за регистрираните случаи на нееднаков третман, информациите од јавен карактер добиени од првостепените судови за бројот на судски постапки во делот на заштита од дискриминација, како и обработка на податоците од годишните извештаи за 2017 година на Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител во однос на регистрираните случаи, поведените постапки и донесените мислења за заштита од дискриминација.

Според податоците, најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: пол и род, попреченост, етничка припадност, политичка припадност, сексуална ориентација, здравствена состојба, религија.

Најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: работните односи, образованието, пристапот до добра и услуги, медиумите и здравството.

Здруженијата на граѓани, се посочува во Годишниот информатор,  продолжуваат да бидат најактивни во делот на подигнување на свесноста за постоењето на дискриминацијата.

Бројот на претставки поднесени пред Комисијата за заштита од дискриминација останува ист со претходната година, што покажува дека Комисијата не успева да ја подобри видливоста и комуникацијата со граѓаните.

Народниот правобранител, се додава во Информаторот,  продолжува да води статистика за соодветна и правична застапеност и за случаите на дискриминација под една категорија, иако станува збор за две различни области.

Зголемен е бројот на позитивни судски одлуки за заштита од дискриминација, особено на подрачјето на Основниот суд Битола, Основниот суд Скопје, Основниот суд Прилеп и Основниот суд Берово.

Во Годишниот информатор се нагласува и дека судовите не водат посебна статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација, поради што не можат да обезбедат соодветни податоци за основите и областите за кои граѓаните барале заштита од дискриминација.

Потребно е  проактивно вклучување на државните институции и јавните функционери за подигнување на свесноста за постоењето на дискриминацијата.

Исто така, се препорачува понатаму во Годишниот информатор, потребно е зајакнување на улогата на Комисијата за заштита од дискриминација преку измена на критериумите за изборот на членовите и воведување на стручна служба во Комисијата.

Покрај  овие препораки во Годишниот информатор се истакнува и потребата од подобрување на ефикасноста на Комисијата за заштита од дискриминација преку почитување на законскиот рок за донесување на мислење по претставки за заштита од дискриминација.

Водење на одвоена статистика за соодветната и правична застапеност и случаите на дискриминација од страна на Народниот правобранител, преку која особено ќе се обезбеди статистика за основот, за областа и за видот на дискриминација.

Почесто користење на законското овластување за отпочнување на постапка по службена должност од страна на Народниот правобранител во случаи на дискриминација и негово вклучување како пријател на судот (amicus curiae) во судски постапки.

„Потребно е судовите да водат посебна статистика за основите, за областите и за видот на дискриминација со цел да одговорат на потребата за доставување на точни податоци и утврдување на трендовите на дискриминација“, се вели во Годишниот информатор.

Потребно е подобрување на пристапот до судска заштита од дискриминација и пристапот до правда, воопшто, за жртвите од дискриминација и за промоција на принципот на еднаков третман од страна на државните институции и независните тела за еднаквост.

Неопходно е, се резимира во Годишниот информатор, и собирање на статистички податоци за дискриминацијата разделени според основот на дискриминацијата од страна на органите надлежни за тоа.

М.В