/ Прочитано:

758

Зголемен е бројот на спроведените посебни истражни мерки, се констатира во Извештајот на Обвинителството

 

На ниво на Република Северна Македонија во сите основни јавни обвинителства во текот на 2018 година применети се посебни истражни мерки од чл. 252 од ЗКП во 95 случаи, против 317 лица со утврден идентитет и во 551 предмет на кривично дело.

Доколку се изврши анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2018 година, со бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2017 година, велат од Јавното обвинителство, може да се констатира дека во текот на 2018 година постои зголемување на бројот на спроведени посебни истражни мерки,  и тоа од 71 случај, 289 лица и 363 предмети на кривично дело во 2017 година, на 131 случај, 358 лица и 551 предмет на кривично дело, во текот на 2018 година.

„Треба да се напомене дека вкупниот статистички преглед на бројот на случаи и бројот на лица со утврден и со неутврден идентитет, спрема кои се спроведени посебни истражни мерки, не претставува прост збир на поединечните бројки кои ќе бидат изложени во прегледот на примената на посебните истражни мерки по вид и по кривично дело бидејќи во пракса најчесто не се применува посебна истражна мерка само по еден основ, односно во повеќето случаи  во примена се повеќе видови на посебни истражни мерки“, посочуваат од Обвинителството во Извештајот кој се наоѓа пред пратениците.

Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон

Оваа мерка е применета во вкупно  43 случаи, против 194 лица со утврден идентитет, и во 58 предмети во кои се применува мерката – телефонска линија која ја користи непознато лице во моментот на спроведување на мерката.

Следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации

Оваа мерка е применета во вкупно 3 случаи, против 1 лице со утврден идентитет и опфатени се 2 предмети – објекти врз кои е применета мерката. Во 1 случај  примената на мерката траела до 1 месец, во 1 случај до 2 месеци и во 1 случај мерката траела до 4 месеци. Трите случаи се во тек.

Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен

Оваа мерка е применета во вкупно 29 случаи, против 97 лица со утврден идентитет, и во 45 предмети.

Во 6 случаи примената на мерката траела до 1 месец, во 3 случаи до 2 месеци, во 10 случаи до 3 месеци, во 2 случаи до 4 месеци, во 7 случаи до 6 месеци, и  за 1 случај до 12 месеци.

Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки  биле донесени: наредба за спроведување истражна постапка против 40 лица, од кои за 8 лица наредбата за спроведување на истражна постапка била отстапена на друго основно јавно обвинителство, за 2 лица истражната постапка е прекината, за 15 лица е запрена истражната постапка бидејќи не се обезбедени доволно докази, со 3 лица се склучени предлог-спогодби во  текот на истражната постапка, против 9 лица се поднесени обвинителни акти, за 4 лица се  донесени пресуди врз основа на признание на вина, а за 1 лице постапката сѐ уште е во тек.

Таен увид и пребарување во компјутерски систем

Оваа мерка е применета само во 1 случај, против 4 лица со утврден идентитет. Примената на мерката е запрена бидејќи не се прибавени доволно докази кои би имале значење за водење на постапката. Започнала да се применува кон крајот на 2017 година, но продолжила да трае и на почетокот од 2018 година, така што вкупното времетраење на мерката во овој случај изнесува 4 месеци.

Автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на лични податоци

Оваа мерка не била применета во ниту еден случај.

Увид во остварени телефонски и други електронски комуникации

Оваа мерка е применета во 40 случаи и за 446 предмети. Во сите 40 случаи примената на мерката траела до 1 месец.

Симулиран откуп на предмети

Оваа мерка е применета во 1 случај против 1 лице со утврден идентитет. Примената на мерката траела до 1 месец. Врз основа на доказите прибавени со примената на посебната истражна мерка, донесена е пресуда врз основа на признание на вина.

 Симулирано давање и примање поткуп

Оваа мерка е применета во вкупно 9 случаи, против 13 лица со утврден идентитет. Во 8 случаи примената на мерката траела до 1 месец,  во 1 случај до 2 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на посебната истражна мерка, во 6 случаи е поднесен обвинителен акт, во 1 случај мерката е запрена бидејќи не се обезбедени доволно докази, а во 2 случаи постапката е во тек.

Контролирана испорака и превоз на лица и предмети и одложување на приведување или одземање предмети

Оваа мерка не била применета во ниту еден случај.

Користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци

Оваа мерка е применета во вкупно 3 случаи против 27 лица со утврден идентитет. Во 1 случај примената на мерката траела до 4 месеци, во 1 случај до 9 месеци, а во 1 случај до 12 месеци.

Отворање симулирана банкарска сметка

Оваа мерка е применета во 1 случај против 11 лица со утврден идентитет. Примената на мерката траела до 4 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на оваа посебна истражна мерка, истражната постапка е запрена, бидејќи не се обезбедени доволно докази.

Симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци

Оваа мерка е применета во вкупно 1 случај против 11 лица со утврден идентитет. Во 1 случај примената на мерката траела до 4 месеци. Како резултат на доказите прибавени од примената на оваа посебна истражна мерка, истражната постапка е запрена бидејќи не се обезбедени доволно докази.

М.В