/ Прочитано:

825

Зголемен е процентот на жени сопственици и косопственици на имот

 

Mинистерот за правда, Бојан Маричиќ, се обрати на Регионалната конференција за Европа, којашто беше организирана онлајн, а под покровителство на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

„Маричиќ беше поканет да се обрати и да го сподели позитивниот пример од Северна Македонија во поглед на зголемување на процентот на жени сопственици и косопственици на имот.

Министерот истакна дека со усвојувањето на ‘Агенда 2030’ и Целите за одржлив развој Северна Македонија заедно со останатите земји од Западен Балкан се обидува да ја унапреди родовата еднаквост во сопственоста“, информираат од Министерството за правда.

„За само шест години во Северна Македонија процентот на жени сопственици и косопственици на имот е зголемен за 10 отсто“, сподели министерот Маричиќ, кој дополни дека во 2013 година овој процент бил речиси 17 отсто, додека пак во 2019 година – 27 отсто, што претставува и најголем прогрес на Балканот.

Маричиќ потенцираше дека ќе продолжат напорите за зголемување на родовата еднаквост, а истакна дека ваквиот прогрес на Северна Македонија можеби се должи на фактот што 60 отсто од нотарите во земјата се жени.

Поголемата еднаквост во сопственоста на земјиштето ќе придонесе за зголемена економска ефикасност и ќе има повеќе позитивни ефекти за постигнување други цели за одржлив развој, вклучително и за намалување на сиромаштијата.

М.В