/ Прочитано:

1.697

Жени и синдикати: Застапеност и работнички права во Република Македонија

Клучно е препознавањето на проблемите на жените работнички во секој сектор, во секоја гранка и индустрија, и нивната посебност и специфичност во однос на проблемите со кои се соочуваат машките колеги. Спротивно на ставовите и оптимизмот за синдикалното дејствување изразено кај претставничките на синдикатите, работничките кои не се синдикално организирани се демотивирани и не размислуваат да се вклучат во синдикатите зашто не ја гледаат ползата од членување во синдикат. Нивниот став би можел да се промени само доколку постојат, како што велат ‘вистински’ и ‘департизирани’ синдикати, односно доколку забележат вистинска посветеност за подобрување на работничките права кај раководствата на синдикатите.

Специфичните проблеми и прекршувањата на работничките права со кои се соочуваат жените кои се во работен однос, нивната застапеност и влијанието во управувачките и раководни тела на синдикатите, улогата на женските секции, родовата сензитивност во барањата на синдикатите и колективните договори, солидарноста, довербата и очекувањата од синдикатите, се прашања кои се детално анализирани во истражувањето „Жени и синдикати: Застапеност и работнички права во Република Македонија“. Авторките на студијата Марија Башевска и Елена Б. Ставревска, кои се членки на граѓанското здружение „Левичарско движење – Солидарност“, посочуваат дека родовата нееднаквост е присутна во сите сфери на економската активност во земјава, поради што синдикатите треба да ги препознаат и да ги утврдат специфичните области во кои жените работнички се соочуваат со различни проблеми во остварувањето на правата од работен однос споредено со машките колеги.

„Препознавањето на родовата нееднаквост во економската сфера и на работното место, како и континуираното истражување и алармирање за состојбите на терен, се клучните предуслови за мобилизирање и за стратешко дејствување на синдикатите, за отчет на надлежните институции и за влијание врз спроведувањето и подобрувањето на постојната законска регулатива и политиките во сферата на работничките права“, истакнува Башевска.

Според испитаничките, односно жените кои се опфатени во анализата, улогата на синдикатите во унапредување на положбата на жените работнички може да се подобри само доколку се подобрат основните услови за здраво функционирање на синдикатите, како што се: непреченото право и можноста за синдикално организирање, за департизирање и за независни државни институции кои ќе се грижат за спроведување и за почитување на законите.

„Клучно е препознавањето на проблемите на жените работнички во секој сектор, во секоја гранка и индустрија, и нивната посебност и специфичност во однос на проблемите со кои се соочуваат машките колеги. Спротивно на ставовите и оптимизмот за синдикалното дејствување изразено кај претставничките на синдикатите, работничките кои не се синдикално организирани се демотивирани и не размислуваат да се вклучат во синдикатите зашто не ја гледаат ползата од членување во синдикат. Нивниот став би можел да се промени само доколку постојат, како што велат ‘вистински’ и ‘департизирани’ синдикати, односно доколку забележат вистинска посветеност за подобрување на работничките права кај раководствата на синдикатите. Работничките сметаат дека немаат никаква можност да влијаат на подобрување на работните услови на нивните работни места, силно се обесхрабрени од сопствената позиција и сметаат дека дури и да се побунат нема кој да ги слушне“, потенцира Башевска во својата студија.

Авторките на оваа анализа велат дека искуствата што ги доживеале голем број работнички кои ги алармирале надлежните институции за одредени случаи на прекршување на нивните права имаат негативно влијание врз останатите нивни колешки.

„Постојат низа примери (отказ од работното место,  парична казна во одреден процентуален износ од месечната плата) кои останатите работнички ги прават сосема пасивни да преземат какви било чекори, односно да пријават случаи на прекршување на нивните работнички права. Следствено на ова, тие се помируваат со лошите работни услови. Освен тоа, поголемиот дел од нашите испитанички сметаат дека вработените многу малку се запознаени со правата што произлегуваат од нивните договори за вработување. Неколку од испитаничките кои се дел од синдикални раководства нагласија дека дел од нивните колешки се запознаени, што не е случај со поширокото членство на синдикатите. Причините за ова можат да се поделат во две категории: една е недоволната заинтересираност на работничките и работниците, а друга е недоволниот пристап до соодветните информации“, вели Башевска.

Дури и кога работничките и работниците се запознаени со содржината на нивните договори и со конкретните работнички права, голем дел од нив не се спроведуваат, за што сведочи жена вработена во една од кожарско-чевларските фабрики во Македонија.

„Какви права? Ние за работодавачите сме стока. Постојано трпиме понижувања и навреди. Цело време нè уценуваат. Ако не ти чини, знаеш кај е вратата. Има преголем обем на работа. Не смее да се зборува, не смееш ни да се свртиш. Во тоалет не те пуштаат. Само на пауза, а три тоалети на 150 жени. Под клуч сме постојано. Телефон не смееш да користиш, ни за итни случаи, ни за добро ни за зло. Не ти даваат да земеш слободни денови кога сакаш, ниту одмор. Само ним кога им одговара и колку им одговара. Боледување нема. Ако побараш, ти даваат отказно решение. Според договорот, треба да работиме пет работни дена, ама сабота ако не отидеш, 1 000 денари ти кине. Ако не отидеш на работа во сабота два месеци, те спушта во пониска група за плата. На шест месеци менува име на фирма за да избегне да ни плаќа К-15.“

Некои од испитаничките, како што појаснува авторката, истакнуваат дека недостасува едукација од страна на работничките организации, поради што Унијата на независни и автономни синдикати активно работи на подигање на свеста за правата од работен однос, мобинг, дискриминација, семејно насилство, трудова експлоатација итн.

„Овој процес е отежнат во приватниот сектор, каде што работничките не само што не можат синдикално да се организираат туку и не им се дозволува посета на семинари за едукација и за запознавање со работничките права. Од УНАСМ велат дека тие се заинтересирани да слушнат и да пренесат понатаму, но голем број од работничките се плашат дека ќе го загубат работното место поради заканите и уцените, како што било случај со бркањето од работа на работничка која е мајка на пет деца поради синдикално организирање“, вели Башевска.

Наспроти големиот број жени работнички кои се синдикално организирани, постојат и голем број работнички кои не се членови на ниту еден од синдикатите, а кои потенцираат дека на синдикалните организации не гледаат позитивно.

„Работничките велат дека не веруваат во можностите и во улогата на синдикатите во подобрувањето на положбата на жените кои се во работен однос. Според нив, во постојните општествени услови и со  корумпираноста на синдикалните раководства, борбата за работнички права се заборава и првенствено се гледаат личната корист и личните интереси“, смета Елена Б. Ставревска, истражувачка во областа на политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. 

Двете авторки укажуваат дека, во услови на силно партиско влијание во раководните структури на некои од најголемите синдикални сојузи во земјата, од примарно значење за вистинско синдикално дејствување, за поголема мобилизација и за враќање на довербата во синдикатите е изборот на независни и непартиски раководства и синдикални лидер(к)и кои посветено и искрено ќе работат на одбраната и унапредувањето на работничките права.

А. Б.