Жените возат одговорно и безбедно, со почитување на сообраќајните прописи
„И покрај тоа што сѐ уште постојат одредени стереотипи за улогата на жената во општеството, евидентен е фактот дека жените денес се рамноправни во сите сфери на општественото живеење.
Кога станува збор за сообраќајот, факт е дека жените денес се активни учесници во патниот сообраќај, и тоа не само како пешаци и велосипедисти, туку и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи. Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50%.
Динамиката на живеење и секојдневните и бројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден и во рамките на семејството ја наметнуваат потребата жените да бидат активни во сообраќајот и како возачи.
Учесниците во сообраќајот, особено возачите можеме да ги поделиме на безбедни и небезбедни, на совесни и несовесни и секоја поделба на возачите на женски и машки е несоодветна, и може да се прави само за научни и статистички цели. Иако можеби за многумина, на прв поглед, жените изгледаат не толку вешти возачи, истражувањата покажуваат дека жените се безбедни возачи. Истражувањата всушност покажуваат дека брзото и агресивно однесување во сообраќајот не е својствено за жените, дека жените помалку возат под дејство на алкохол, не поминуваат на црвено на семафор, не возат без возачка дозвола, жените повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и повеќе ги почитуваат пешаците и велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.
Во согласност со наведеното, ако почитувањето на сообраќајните правила и прописи е женско возење, ако почитувањето на ограничувањето на брзината е женско возење, ако почитувањето на пешаците е женско возење, ако дефанзивното возење е женско возење, тогаш ајде сите да возиме на женски начин затоа што така е побезбедно и посигурно.
Статистиката покажува дека мажите трипати повеќе страдаат во сообраќајни незгоди од жените. Според Светската здравствена организација, околу 77% од сообраќајните незгоди со фатални последици се предизвикани од возачи мажи.
По повод Денот на жената – 8 Март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со МВР, организира превентивно-едукативни активности со цел подигање на свеста против стереотипите за жените како лоши возачи. Во согласност со тоа, на 7 и 8 март во повеќе градови се организираат акции за дистрибуција на цвеќе за жените возачи и дистрибуција на брендирани заштитни маски за лице, флаери, миризливи освежувачи за во автомобил и други едукативни материјали.
Активностите се одвиваат под мотото: Жените возат одговорно! Биди горда што си жена и што си безбеден возач!“, соопштуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
ССМ: Работодавачите и Владата да го спречат вознемирувањето на жените на работа
МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЖЕНАТА: Правата на жените се неразделив дел од универзалните човекови права
М.В