Жерновски прогласи мораториум за „Скопје 2014“
Четврток, 25 април 2013 – Новиот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски донесе одлука за Мораториум на проектот „Скопје 2014“, односно прекинување на сите активности поврзани со проектот се додека не се констатира фактичката состојба.
„Наредната недела ќе се донесе и одлука за ревизија на проектот ‘Скопје 2014’“, најави Жерновски, кој денеска ја презеде функцијата градоначалник на Центар.
Како што посочи, издаден е налог за инспекциските служби да излезат на терен и да ги констатираат сите градежни активности кои во моментов се спроведуваат, со цел да се утврди евентуална инволвираност на поранешото раководство на Центар во издавањето на градежни дозволи.
На денешното примопредавање на функцијата не присуствуваше досегашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ иако бил лично поканет од Андреј Жерновски.
Во понеделникот Владата излезе со отчет за проектот Скопје 2014, каде соопшти дека од 2008 до сега, проектот чини 207.872.492 евра.