/ Прочитано:

1.114

ЖЕРНОВСКИ: За демолирањето на Општина Центар во 2013 година, во СЈО се повикани да сведочат и други вработени и советници во Општината

Жерновски истакна дека не може да открива кој бил фокусот на истрагата во која Специјалното јавно обвинителство го води случајот бидејќи истражната постапка е тајна, но рече дека покрај него, а поврзано со истиот разговор од прислушуваните материјали, повикани се и други вработени во Општината, советници и лица кои тој ден биле таму.

Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар

Насилните протести кои се случија пред бараките на Општина Центар во јуни 2013 година и настаните што следувале потоа биле дел од темите за кои градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски,  три часа даваше исказ во Специјалното јавно обвинителство.

Ова е вторпат Жерновски да биде повикан да даде исказ пред специјалните јавни обвинители. Првиот пат тој беше сослушан во врска со проектот „Скопје 2014“, додека овој пат исказот на Жерновски е во врска со прислушуваниот разговор кој се однесува на протестите пред Општината.

Жерновски истакна дека не може да открива кој бил фокусот на истрагата во која Специјалното јавно обвинителство го води случајот бидејќи истражната постапка е тајна, но рече дека покрај него, а поврзано со истиот разговор од прислушуваните материјали, повикани се и други вработени во Општината, советници и лица кои тој ден биле таму.

„Од она што го слушнавме во јули 2013 година и од она што го приложивме како доказен материјал, многу е јасно дека во насилните протести учествувале луѓе кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои се членови на партијата и кои биле регрутирани од јавните претпријатија. Она што е исто така важно е дека во настаните беше повреден советник, беше причинета и материјална штета, за што приложивме и фотографии од кои се гледа дека тие кои насилно протестираат се фотографирани и со Груевски и со Јанкулоска и со претседателот Иванов, а поминаа повеќе од три години, а Јавното обвинителство не смогна сили да ги најде и да ги казни“, рече Жерновски.

Како што наведе тој, од денес уште повеќе верува дека правдата ќе ги стигне сите и сите ќе одговараат пред законот, и криминалците и насилниците. Во својата изјава Жерновски го посочи поранешниот премиер Никола Груевски како директен нарачувач на случувањата во Општина Центар поради поразот што го доживеала партијата на локалните избори во 2013 година.

На крајот Жерновски му порача на Груевски дека ќе се видат во судница, каде што, како што вели, ќе ги расчистат сите нерасчистени сметки.

Вчера, пак, Специјалното јавно обвинителство најави дека во наредниот период ќе имаат повеќе работа бидејќи ќе се зголеми интензитетот на лица кои ќе бидат повикани, а кои со своите сознанија ќе бидат од корист за истрагите што ги води ова обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во својата писмена  изјава потенцираше дека предистражните и истражните постапки кои ги води ова обвинителство се тајни и поради тоа нема да бидат откривани детали поврзани со лицата и со постапките.

М. С.