/ Прочитано:

3.253

Животна средина заштитена во Уставот – бели дробови незаштитени во реалноста: Зaгадениот воздух ги убива македонските граѓани!

Четврток, 5 јуни 2014 – Светскиот Ден на животната средина денеска се одбележува  на глобално ниво на различни начини, со поголеми или со помали активности. Да се зачува животната средина – апелираат од граѓанските организации и Министерството за животна средина. Организациите информираат дека податоците за негативното влијание на загадената животна средина се поразителни. Иако здравата животна средина е човеково право и темелна вредност во Уставот на Република Македонија, податоците говорат дека граѓаните на Македонија постојано се жртви на загадениот воздух. Потребни се засилени акции, почист воздух, здрава животна средина – апелираат граѓаните и граѓанските организации, кои оговорноста ја лоцираат и во надлежните институции.

Глобален апел за заштита на животната средина

 „Кревајте го гласот, а не нивото на морето. Планетата Земја е нашиот заеднички остров, да ги здружиме силите за да го заштитиме“, изјави Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, на стартот на 2014 година – меѓународната година на малите острови и земјите во развој.

 Од Министерството за животна средина и просторно планирање се приклучуваат кон апелот на ООН и ги повикуваат граѓаните да го кренат  гласот за меѓусебна солидарност.

„Тоа може да биде, на пример, организирање кампањи за чистење, иницијативи за намалување на отпадот од храна, спроведување денови без автомобили, намалување на употребата на пластиката или организирање на изложби, акции за садење дрва, концерти, танцови, рецитали, апели за рециклирање, кампањи на социјалните медиуми или натпревари“, валат од министесрството додавајќи дека и без разлика колку некој единечен придонес е мал и навидум незабележителен, кога ќе се помножи и синергизира во глобално делување ќе стане дел од моќна и силна акција.

Здравата животна средина е уставно загарантирана категорија. Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, се вели во Уставот на Република Македонија, кој животната средина ја определува и како темелна вредност. Така вели Уставот, но што вели реалноста?

Студија на Институтот за јавно здравје:  Во Македонија секоја година умираат 1350 луѓе од последиците од загадениот воздух

Граѓаните на Македонија се постојано жртви на загадениот воздух. Според студијата на Институтот за јавно здравје издадена во 2012 година како дел од студијата за зелен развој на Светската банка во Македонија секоја година умираат 1350 луѓе од последиците од загадениот воздух.

Секако, овие смртни случаи не се единствениот данок на загадувањето кој го плаќа македонското население – според истиот извештај загадувањето со прашина поситна од 10 микрометри македонската економија ја чинело 253 милиони евра во 2011 година.

Како дел од одбележувањето на 5 јуни – Светскиот ден на животната средина во организација на Еко-свест и други еколошки здруженија е денска се спроведува и акција во функција на алармирање за сериозните здравствени ефекти од аерозагадувањето, но и да се посочат стратешки мерки кои треба да ги преземат институциите.

Граѓанските организации алармираат

„Според студијата на Институтот за јавно здравје издадена во 2012 година како дел од студијата за зелен развој на Светската банка, во Македонија секоја година умираат 1.350 луѓе од последиците од загадениот воздух. Секако, овие смртни случаи не се единствениот данок на загадувањето кој го плаќа македонското население – според истиот извештај загадувањето со прашина поситна од 10 микрометри македонската економија ја чинело 253 милиони евра во 2011 година“, соопштија организаторите.

„Граѓанските организации во текот на декември 2013 година веќе протестираа поради екстремното загадување кое во тој период беше евидентно во Скопје и другите поголеми градови, истовремено излегувајќи со конкретни предлози и ставови за тоа како состојбата со загадувањето може да се подобри.

Овој пат одлучивме протестот да го направиме на малку покреативен и повидлив начин кој очекуваме дека ќе ги потсети граѓаните дека сите се наоѓаме во акутна опасност од заболувања на белите дробови, дека од надлежните институции треба да бараат отчет за загадувањето, но и дека и самите тие се делумно одговорни за загадувањето, особено преку прекумерното и не секогаш потребно користење на моторните возила“, вели Невена Смилевска, проектен координатор и активист за заштита на климата од Еко-свест.

>>>Целосен преглед на домашното законодавство со кое се заштитува животната средина

М.В / veljanoskim@akademik.mk