/ Прочитано:

1.023

ЗНМ бара од ОЈО посебно одделение за решавање на напади кон новинари

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, и адвокатот Филип Медарски, кој застапува група новинари за нелегалното прислушување, вчера остварија средба со државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и со тоа како Основното јавно обвинителство да биде поактивно во гонењето на оние што им се закануваат на новинарите и ги повредуваат нивните права.

Чадиковски укажа на зголемениот тренд на закани кон новинарите во 2020 година: „Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно, и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите.“

Од страна на претставниците на ЗНМ беше побарана поголема проактивност за овие случаи од страна на Обвинителството, а  беше даден и предлог за формирање на посебно одделение во Обвинителството за гонење на напади кон новинари и медиумски работници. „Задачата на ова посебно одделение е да ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна“, истакна директорот Секуловски.

Според Јовески, во наредниот период ОЈО ќе се заложи да ги провери случаите што ги има регистрирано ЗНМ за напади кон новинари и ќе се разговара интерно за барањето за формирање на посебно одделение.

Адвокатот Медарски, во својство на правен застапник на ЗНМ за случајот со нелегалното прислушување на новинари, побара од државниот јавен обвинител помош во обезбедување на докази дека телефонските броеви кои ги користеле новинарите критичниот период биле предмет на неовластено прислушување. Оваа поддршка од ОЈО за оваа постапка е нужна во насока на дополнително аргументирање на тужбата во име на новинарите на кои им се прекршени нивните права во овој случај.

М.В