/ Прочитано:

1.209

ЗНМ бара од Уставниот суд да расправа за собранискиот инцидент со новинарите

Вторник, 26 февруари 2013 – Здружението на новинари на Република Македонија (ЗНМ) по испратените претставки до претседателот на Собранието на РМ, Секторот за внатрешна контрола и Народниот правобранител, денеска поднесе барање и до Уставниот суд за одржување на јавна седница на која предмет на расправа ќе биде настанот кој се случи на 24 декември.

ЗНМ поднесе барање за заштита на слободата и правото на јавно изразување и на мисла до Уставниот суд на РМ,  по повод настаните од 24.12.2012 кога беа остранети новинарите од галеријата на Собранието. Се повикуваат на Уставот на РМ и Европската конвенција за човекови права (ЕСЧП). 

„Согласно 51 член од Деловникот на Уставниот суд на РМ., секој граѓанин кој смета дека му е повредено индивидуалното право или слобода, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на РМ, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од доставување на конечен и правосилен поединечен акт, односно од денот на преземањето на дејствието со кое е сторена повредата, но не подоцна 5 години од денот на неговото преземање. Слободата на изразување е едно од правата, кое согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на РМ уживаат индивидуална заштита во постапката пред Уставниот суд“, стои во Барањето.

Тргнувајќи од цитираните членови на Уставот и на ЕСЧП, ЗНМ бараат да се почитува гарантираната слобода на изразување на медиумите прецизно опишани во член 16 од Уставот и член 10 од Конвенцијата.

Откако опширно ги опишале случувањата, во прилог на Барањето до Уставниот суд на ЗНМ се поднесени и веќе испратените претставки до претседателот на Собранието на РМ, Секторот за внатрешна контрола и Народниот правобранител, нивните одговори по ова прашање како и видео запис од 24.12.2012 година. 

>> Барањето во целост може да го проследите тука