/ Прочитано:

675

ЗНМ: Оставки на Груевски, Јанкулоска и Мијалков поради прислушувањето

Четврток, 26 февруари 2015 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција изрази сериозна загриженост и го осуди прислушувањето на новинари, со што, сметаат, е суспендиран правниот поредок на земјата и масовно се кршени основните човекови права и слободи.

Од ЗНМ го повикаа Јавното обвинителство сериозно да ги разгледа објавените докази за прислушување на новинари и да поведе соодветни постапки.

„Се откри една јавна тајна дека власта со јавни пари ги купува највлијателните медиуми за потребите на дневната партиска пропаганда. Веќе нема сомнеж дека владините кампањи не служат за промоција на општиот интерес, туку се средство кое на власта ѝ овозможува да ги уредува вестите на телевизиите. Ваквата практика мора да престане веднаш. Владата треба да ги суспендира сите владини кампањи во медиумите сè додека не се расчисти овој скандал“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Oд Здружението побараа премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков да поднесат оставка, без разлика кој го нарачал прислушувањето.

„Тие се должни да спречат вакво масовно кршење на уставните права и слободи на граѓаните. Нивното заминување од функцијата ќе помогне да се расчисти целиот случај“, рече Селмани. 

Ставот на ЗНМ, нагласи Селмани, е дека прислушувањето на новинари го компромитира медиумскиот систем во Македонија, а единствен излез е воспоставување нов медиумски систем и нови контролни механизми на политичкиот систем, кои ќе гарантираат независност и слобода на медиумите и кои во иднина ќе ја спречат нивната злоупотреба од политиката и од бизнисот.