/ Прочитано:

2.951

Зоран Караџовски е новиот претседател на Судскиот совет

Новиот претседател за свој заменик го предложи Шемседин Јусуфи, а членовите едногласно го усвоија.

Судски совет избор на претседател

Со 12 гласа ‘за’, членовите на Судскиот совет за претседател го избраа единствениот кандидат Зоран Караџовски. Тој и денеска беше номиниран од Влатко Самарџиски и доби поддршка од тројца членови од Советот да стане кандидат за претседател.

Според спроведеното гласање, за Караџоски гласале 12 члена, односно сите присутни членови на седницата за избор на претседател. На седницата не присуствуваа министерот за правда, Валдет Џафери, и претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, кои се членови по функција. Неделкова беше во Советот пред почетокот на седницата, но не и кога членовите предлагаат колеги за претседател. Новиот претседател го предложи Шемседин Јусуфи за свој заменик, а членовите едногласно го усвоија неговиот предлог.

Професионалното искуство на Караџовски:

Од 1997 до 2008 година е советник во Вишото јавно обвинителство Битола.

Во 2008 година е избран за судија на Основниот суд Битола, каде што работи до 2013 година.

На 15.8.2013 година е избран за судија на Апелациониот суд Битола, каде што ја врши функцијата судија до 26.8.2014 година.

На 26.8.2014 година е избран за член на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите од Апелационото подрачје Битола.

И на вчерашната седница, Влатко Самарџиски го предложи Караџоски, а претседателката на Врховниот суд, Неделкова, за кандидат за претседател на Судскиот совет ја предложи Лидија Каначковиќ.

Според вчерашното гласање, за Караџоски гласаа 6 члена и за Каначковиќ 6 члена, додека едно ливче беше неважечко. Според тоа, ниту еден од предложените кандидати за избор на претседател на Судскиот совет вчера не го доби потребното мнозинство од членовите на Советот.

Комисијата која го спроведе изборот беше во состав: Мирјана Гоцевска-Стефановска, Беким Реџепи и Мери Дика-Георгиевска.

Мандатот на актуелниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски, како член на Советот истече на 21 април.

Ушковски беше избран за член на Советот на 21 април 2010 година со мандат од шест години, а стана претседател на Судскиот совет на 13 март минатата година.

Претседателот на Советот се избира од редот на членовите на Советот со мнозинство гласови од членовите со право на глас, со тајно гласање. Мандатот на претседателот на Советот трае три години, со право на повторен избор.

М. С.