/ Прочитано:

1.536

Закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец ФЕВРУАРИ 2015

Погледнете ја најновата листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец февруари 2015 година, заедно со детален табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат.

zelena

На 1 февруари  ќе започне да се применува Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (основен закон, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014.) Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка. Во постапката за решавање по жалби Државната комисија ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.

На 1 февруари ќе стапат во примена одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/2014), а кои се однесуваат на изготвувањето на преглед со податоци од матичната евиденција за осигурениците од страна на Фондот. Според измените Фондот изготвува преглед со податоци од матичната евиденција на осигурениците за секој осигуреник кој е пријавен во задолжително социјално осигурување два пати годишно и тоа најдоцна до 15 февруари и најдоцна до 15 јули секоја година. Прегледот содржи: податоци за пријави и одјави од осигурување; податоци за пензиски стаж; податоци за периоди на осигурување; податоци за часови на работа, односно осигурување; податоци за плати, односно основици на осигурување; податоци за стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење, податоци за навршени периоди на осигурување навршени во друга држава. Исто така, на 13 февруари стапуваат примена одредби од овој закон а кој се однесуваат на условите за именување на  директор, односно заменик директор на Фондот.

На 1 февруари ќе стапат во примена одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност (основен закон, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014), а во врска со изјавувањето на жалбата до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

На 1 февруари ќе стапат во примена одредбите од Законот за домување(закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014) кои се однесуваат на одлучувањето на  Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Исто така, на 13 февруари стапуваат во примена одредби од овој закон а со кои се определува дека вработените во Регулаторната комисија кои вршат административни работи имаат статус на административни службеници.

На 13 февруари ќе стапи во примена Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 и 199/2014)Предмет на овој закон се статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Со овој закон се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Во Законот за административни службеници се определува што е административен службеник и административни работи, координација на работата на државните службеници, статусот, надлежноста и раководењето со Агенцијата за администрација, Класификација на работните места на државните службеници, пополнувањето на работните места на државните службеници, вработувањето на државните службеници, стручното усовршување на административните службеници, дисциплинската и материјалната одговорност, платите и надоместоците на административните службеници, посебната должност на административните службеници и прекршочни одредби.

На 13 февруари ќе започне да се применува Законот за вработените во јавниот сектор  („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 и 199/2014). Со овој закон се уредуваат општите начела, класификацијата на работните места, евиденцијата, видовите на вработувања, општите права, должности и одговорности, мобилноста, како и други општи прашања за вработените во јавниот сектор.

На 13 февруари ќе започне да се применува Законот за Управата за јавни приходи (основен текст, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014). Со овој закон се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и раководење со Управата за јавни приходи, даночните надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата за јавни приходи и се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на даночните службеници, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на учинокот, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи.

На 13 февруари ќе започне да се применува Законот за судска служба (основен текст, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014) Со овој Закон се определува дека судската служба ја сочинуваат судските службеници, лицата вработени во судовите кои вршат технички и помошни работи и судската полиција и се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници.

На 13 февруари ќе стапат во примена одредбите од Закон за јавните набавки (закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014 и закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014) со кои се определува дека на вработените во стручната служба се применуваат одредбите од Законот за административни службеници и од Законот за вработените во јавниот сектор.

>>>Целосен  преглед на сите закони чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во  месец февруари 2015 

Во месец февруари стапуваат во примена подзаконските акти кои се поврзани со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор кои стапуваат во примена на 13 февруари 2015. Подзаконските акти кои стапуваат или престануваат да важат се следниве:

Уредба за описите на категориите и нивоата на работните места на административните службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2014(Закон за административни службеници).

Уредба за начинот на располагање со примените подароци, начинот на управување со евиденцијата на примените подароци и други прашања во врска со примањето на подароци, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2014(Закон за вработените во јавниот сектор)

Правилник за начинот на спроведување на испитот за административно управување, како и формата и содржината на потврдата за положен испит, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014 (Закон за административни службеници)

Правилник за содржината и формата на годишната програма за генерички обуки на административни службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014(Закон за административни службеници)

Правилник за содржината и формата на годишен план за обуки на административните службеници и извештајот за негова реализација, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014 (Закон за административни службеници)

Кодекс за административни службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 183/2014 (Закон за административни службеници)

Правилник за начинот на водење на дисциплинската постапка за дисциплински престап и образец за тајно гласање, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014 (Закон за административни службеници)

Правилник за содржината и формата на годишниот извештај за изречени мерки за утврдена дисциплинска и материјална одговорност на административните службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014 (Закон за административни службеници)

Правилник за начинот на водењето на постапката за утврдување на материјална одговорност и формата и содржината на решението за надомест на штета, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014 (Закон за административни службеници)

Правилник за начинот на вршење на менторска работа и водењето на регистарот на ментори за административните службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014(Закон за административни службеници)

Правилник за начинот на организирање и спроведување на обуките во училница и преку електронскиот систем за управување со обуки, како и времетраењето и вредноста на обуките за кои не мора да се склучи писмен договор со административен службеник, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014(Закон за административни службеници)

Правилник за рамката на општи работни компетенции за административните службеници, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2014(Закон за административни службеници)

Правилник за содржината и формата на годишната програма за обука за административно управување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2015 (Закон за административни службеници)

Правилник за содржината на годишниот извештај на Државниот управен инспекторат за спроведени инспекциски надзори, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2015 (Закон за административни службеници)

Правилник за формата и содржината на интерниот оглас, начинот на поднесување на пријавата за унапредување, начинот на спроведувањето на административната селекција и интервјуто, како и начинот на нивното бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција, во зависност од категоријата на работното место за кое е објавен интерниот оглас, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2015 (Закон за административни службеници).

Правилник за формата, содржината и начинот на водење на Каталогот на работните места во јавниот сектор, начинот на определување на шифрите на работните места, како и начинот на внесување и бришење на работните места од Каталогот, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 132/2014 (Закон за вработените во јавниот сектор).

Правилник за формата и содржината на Регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 132/2014 (Закон за вработените во јавниот сектор).

Правилник за формата и содржината на трансфер листи на можни преземања на вработените во јавниот сектор, начинот на водењето, начинот на пристап, како и начинот на обезбедување на одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 132/2014 (Закон за вработените во јавниот сектор).

>>>Целосен преглед на сите подзаконски акти чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец февруари