Закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец ноември 2016
Погледнете ја најновата листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец ноември 2016 година, заедно со целосниот табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат.
На 1 ноември започнува да се применува Законот за пробација. Со овој закон се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, обврски изречени во кривична постапка во согласност со закон, како и извршувањето на условниот отпуст изречен по одлука на суд, кои се извршуваат во заедницата, целта, положбата на лицата во постапката за извршување на алтернативни мерки и обврски и надзор над извршувањето.
На 1 ноември започнуваат да се применуваат одредби од Кривичниот законик кои се однесуваат на спроведувањето на заштитениот надзор, писмените опомени и мерката за изрекување на општокорисна работа и условите за изрекување на куќен затвор.
На 7 ноември започнуваат да се применуваат одредби од Законот за здравјето на растенијата кои се однесуваат на именувањето на директор на Државната фитосанитарна лабораторија.
На 1 ноември започнува да се применува Колективниот договор за енергетика, а на 7 ноември започнува да се применува Правилникот за формата и содржината на образецот на лиценцата за автошкола.
На 1 ноември престанува да важи Глава XVIII Извршување на алтернативните мерки од Закон за извршување на санкциите.