/ Прочитано:

1.499

Закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец септември 2016

Погледнете ја најновата листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец септември 2016 година, заедно со целосен табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат.

slika

На 1 септември стапува во примена Законот за зеленило. Со овој закон се уредуваат правата и обврските во врска со подигањето, одржувањето и користењето на зеленилото, видовите на зеленило, како и други прашања од значење за зеленилото. Цел на овој закон е унапредување на просторот со зеленило преку планско и одржливо подигање и одржување на зеленилото заради зачувување на квалитетот и разновидноста на зеленилото, подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина.
На 1 септември стапува во примена Законот за утврдување на цени на воднитe услуги. Со овој закон се уредуваат целите на политиката за водните услуги за снабдување со сурова вода наменета за водоснабдување на населението, водоснабдување, собирање, одведување и прочистување на отпадните води, воспоставување на функционален систем за определување на цените на водните услуги, начинот, условите и постапката за определување на цените кои се наплатуваат за водните услуги, структурата на тарифите за водните услуги, како и надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика во однос на определувањето на тарифите на водните услуги.
На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за енергетика кои се однесуваат на статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во областа на енергетиката и водните услуги.
На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за иновациска дејност кои се однесуваат на средствата за плата, додатоци на плата и другите надоместоци на вработените во Фондот за иновации.
На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за обезбедување на побарувањата кои се однесуваат на фидуцијарниот пренос на правото на сопственост врз подвижни ствари и продажба со задржување на правото на сопственост, начинот на нивно запишување во соодветен регистар во рамки на Централниот регистар на Република Македонија, како и одредби кои се однесуваат на усогласувањето на Законот за обезбедување на побарувањата со Законот за извршување.
На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за основното образование кои се однесуваат на оценувањето на постигањата и напредувањето на учениците и тестирањето за екстерното проверување на постигањата на учениците.
На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за средното образование кои се однесуваат на дополнителните критериуми за запишување на ученици во средните училишта, педагошката документација и надзорот над законитоста на работата на средните училишта.
На 11 септември стапуваат во примена одредби од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам кои се однесуваат на условите за именување на директор на Управата за финансиско разузнавање.
Од подзаконските прописи на први септември стапува во примена Календарот за организација на учебната 2016/2017 година во основните училишта, Календарот за организација на учебната 2016/2017 година во јавните средни училишта. На 8 септември стапува во примена Правилникот за поблиските услови во однос на просторот, опремата, кадрите, формата, содржината и начинот на водење на евиденција за издадени потврди за пробно возење и пробни таблици од страна на правните лица овластени за вршење на технички преглед на возила и на правните лица кои пуштаат возила на пазар, доколку издаваат потврди за пробно возење и пробни таблици, а на 10 септември Правилникот за агенти на пензиски друштва.
На 8 септември престанува да важи Правилникот за поблиските услови во однос на просторот, опремата, кадрите, формата, содржината и начинот на водење на евиденција за издадени потврди за пробно возење и пробни таблици од страна на правните лица овластени за вршење на технички преглед на возила и на правните лица кои пуштаат возила на пазар, доколку издаваат потврди за пробно возење и пробни таблици („Службен весник на Република Македонија“ бр. 94/2009 и 13/2013), а на 10 септември Правилникот за агенти на пензиски друштва „Службен весник на Република Македонија“ бр. 110/2014.

Табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат во месе септември 2016