/ Прочитано:

4.436

26 години од донесувањето на првата Декларација за сувереност како основа за донесување на Уставот на РМ

На денешен ден во 1991 година донесена е првата од трите декларации за сувереност, независност и меѓународно признавање на Република Македонија.

akad 2

Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија е донесена на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 25 јануари 1991 година. Декларацијата е изгласана едногласно, со 120 гласа „за“.

Во Декларацијата се истакнува дека таа се донесува врз основа на Меѓународниот пакт за граѓанските и за политичките права, во кој се вели дека сите народи имаат право на самоопределување и врз основа на тоа право тие слободно ја уредуваат својата политичка положба и слободно го спроведуваат својот економски, општествен и културен развој.

Со оваа Декларација се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување.

Во Декларацијата се вели дека политичкиот, стопанскиот и правниот систем на Социјалистичка Република Македонија се темелат на Уставот на СРМ и на републичките закони, а во согласност со определбите изразени во Декларацијата.

Во Декларацијата се вели дека Уставот на СФРЈ, сојузните закони и другите сојузни прописи и општи акти ќе се применуваат на територијата на СРМ доколку не се во спротивност на Уставот на СРМ, републичките закони и одлуките на Собранието со кои се остварува сувереност на СРМ.

Изразувајќи ја сувереноста на СРМ, се истакнува во Декларацијата, Собранието на СРМ ќе донесе нов устав, со кој, покрај другото, ќе се определат општественото уредување и идните симболи на државноста на Македонија.

Во Декларацијата се нагласува и потребата за идното донесувањето на Уставен закон, а се потенцира и прашањето за унапредување на правата и положбата на, како што се вели, деловите на македонскиот народ кои живеат како малцинство во соседните земји.

akademik foto 1

По донесувањето на Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, следува и донесувањето на Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава Македонија, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 17 септември 1991 година и Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 19 декември 1991 година.

Првата од трите декларации, која се однесува на сувереноста на Република Македонија, претставува основа за донесување на првиот демократски Устав на Република Македонија.

Уставот на суверена и независна Република Македонија е усвоен на 17 ноември 1991 година. Во согласност со Уставот, Македонија е република со парламентарна демократија, а државната власт е поделена на законодавна, извршна и судска. Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Собранието е еднодомно и го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат на општи и непосредни избори, со тајно гласање, а нивниот мандат е слободен и трае 4 години.

Декларација за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 25 јануари 1991 година

Декларација по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава Македонија, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 17 септември 1991 година

Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 19 декември 1991 година

М.В