/Прочитано:

1.316

70 години од основањето на Адвокатската комора и 70 години адвокатура во слободна Македонија

На денешен ден пред 70 години, на предлог на адвокатот и министер за правосудство д-р Павел Шатев, Министерскиот совет при АСНОМ донесе решение со кое се создава Скопската адвокатска комора со надлежност на Федерална Македонија, што официјално претставува и актот со кој е основана македонската Адвокатска комора.

На 31 март 1945 година, Президиумот на АСНОМ, по предлог на поверенството на судството ја донесе Повелбата за устројството на редовните народни судови на федерална Македонија. Со Повелбата се основани околиски судови, три обласни судови (Скопје, Битола, Штип) и Врховен федерален суд.

Во членот 13 од Повелбата се наведува: „1) Адвокатурата како помошница на павосудието се допушта. 2) Лицата кои вршат адвокатска работа без да имаат адвокатско право (пискарачи, интервенционалисти и др.), не се допуштаат во судовите и се наказват по пријава или по сознание на претседателот на судот со глоба од 1000 до 10.000 лева и со присилна физическа работа од 1 до 6 месеци. Одлуката се донеси во судско заседание“.

Функцијата прв пoвeрeник зa прaвoсудствo нa Макeдoниja ја извршува охридскиот адвокат Петре Пирузе –  Мајски во периодот од 1944 до 1945,  кој дава исклучителен и единствен придонес за втемелувањето на македонскиот правосуден систем и на адвокатура и чиј потпис на 7 декември 1944 година како министер-повереник за правда стои на Решението на Президиумот на АСНОМ со кое се регулира времениот статусот на Адвокатската комора.

Актот, кој означува втемелување на македонската адвокатура, врз основа на Повелбата за устројството на редовните народни судови на федерална Македонија, донесен е на 16 јуни 1945 година, од страна на Министерскиот совет при АСНОМ, на предлог на министерот за правосудство, револуционерот и адвокат д-р Павел Шатев, чие име денес го носи Академијата за судии и јавни обвинители.

Со ова Решение се создава Скопската адвокатска комора со надлежност на Федерална Македонија, што официјално претставува и актот со кој е основана македонската Адвокатска комора.

„Се создава Скопска адвокатска комара со надлежност за територијата на Федерална Македонија. За делегат на Министерството на правосудието при Скопската адвокатска камера се назначуе Ратко Атанасов, чиновник при Министерството на правосудието“, се утврдува во Решението со кое се втемелува македонската адвокатура.

Петре Пирузе – Мајски

Понатаму, во Решението се определува дека делегатот треба да направи именик на адвокатите и адвокатските кандидати, да води контрола над адвокатската работа, да приготви буџет и правилник за негово извршување.

Во Решението е наведено дека во именикот на адвокатите се запишуваат сите лица што го  стекнале правото да бидат адвокати или кандидати за адвокати до ослободувањето на Македонија и што се занимавале со адвокатурата како професионална дејност. Исто така, се определува дека со редовна адвокатска работа можат да се занимаваат само лица запишани во именикот на адвокатите.

„Не можат да бидат запишани во адвокатскиот именик оние лица који биле фактички во услуга на окупаторот или се противници на Народно ослободителната борба“, стои во Решението.

На 23 јуни истата година, со решение на Народната влада на Демократска Федерална Македонија, се создаде Скопската адвокатска комора со надлежност на целата територија на ДФ Македонија, а истовремено се донесе одлука за ликвидација на постоечкиот Скопски адвокатски совет.

Павел Шатев

Евидентно е дека борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава изразена е и низ историскиот развој на македонската Адвокатска комора која своето конституирање го има на АСНОМ, но на ваквата историска кулминација на настаните ѝ претходат бројни историски настани и личности што се вградиле во создавањето на македонската држава, следствено и на адвокатурата како најревносен заштитник на човековите слободи и права.

Голем е бројот на адвокатите, правниците и студентите по право кои како народни херои се запишаа во националната историја, но и во историјата на македонската адвокатура, затоа што како адвокати–херои ја посветија својата борба, својата кауза и своите животи за исполнување на вековниот сон – национална и социјална слобода.  Такви се имињата на Васил Антески – Дрен, Кузман Јосифовски – Питу, Коле Канински, Јосиф Јосифовски – Свештарот, Јосиф Христовски – Ѕвонарот, Рампо Лефков- Лефката.

Преку втемелувачите на македонската адвокатура, протагонисти на човековите права и борци за човечките слободи, денес  современата македонска адвокатура е етаблирана како самостојна и јавна служба во согласност со Уставот на Република Македонија и позитивните законски прописи, позиција од која ги продолжува традициите на зачетоците на македонската адвокатура, со единствена цел – заштита на човековите права и слободи.

ОД ИСТОРИСКИТЕ ВРЕДНОСТИ ДО ИДНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ: Адвокатите се вистински заштитници на правата и слободите на граѓаните

М.В / veljanoskim@akademik.mk

16.6. 2015