/ Прочитано:

3.318

Адвокат Игнат Панчевски: Вистината ќе излезе на виделина кога ќе дојде времето на идните генерации што ќе работат за доброто на својата татковина!

Понеделник, 4 март 2013 – „Поседувам документи со кои Македонија можам да ја вивнам во зенитот, да го шокирам Балканот, но и светот“, раскажува скопскиот адвокат Игнат Панчевски кој не пречека во неговата канцеларија преполна со мистериозни папки и предмети за кои тврди дека во нив се крие вистината. Иако новинарството се наоѓа на самиот врв на неговата листа на најубави професии, неговата најголема љубов е адвокатската дејност. Одамна решил наместо да менува редакции да ја смени професијата, па од новинар денес плива во адвокатурата. На јавноста и е добро познат по неговите „откритија“ кои никогаш не доживеаа завршница бидејќи како што вели ги чува за идните генерации кои нема да имаат врска со денешните политичари и ќе се борат за доброто на земјата. Самиот не се нуди, а додека некој не го ангажира не му паѓа на ум доказите кои вели дека ги поседува да ги предаде на Комисијата формирана за да го испита падот на владиниот Кингер во кој загина претседателот Борис Трајковски или, пак, на македонските и босанските истражни органи, кои, според него, не се надлежни за падот на авионот. За судот вели дека е полициска станица каде полицијата успева да реализира се што ќе науми, а сликовито објасни како во земјава има 2 милиони гладни, 5 илјади полни со пари, останатите некако преживуваат. 

Додека во Босна и Херцеговина трае истрагата за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, за неполни 2 часа уживајќи во саботниот утрински чај, скопскиот адвокатот Игнат Панчевски сликовито и уверливо ни раскажуваше за неговото видување на како што го нарекува атентатот на македонскиот претседател покажувајќи ни ги доказите што тој ги поседува. ‘Рѓосан часовник, облеката на жртвите, ланче, курирска торбичка и папки полни документи кои би го шокирале Балканот, а и светот, заземаат дел во неговата канцеларија. Тврди дека позади атентатот стојат како што ги нарекува „големите светски сили“, дури има и објаснување за причините и мотивот на трагедијата. Според него, поранешниот претседател побарал поддршка од светските сили за да се кандидира за уште еден мандат, откако јасно му укажале дека нема да го поддржат, тој им се заканил дека ќе обелодени за сите коруптивни зделки што се случувале за време на бегалската криза во 1999 година кога западните државници доаѓале во земјава, ветувале и давале финансиска помош. Почна од самиот почеток, тврди дека поседува тонски и видео записи кои му ги испратиле за него непознати лица, а на кои се гледа извршувањето на атентатот и заташкувањето на доказите.

„Анализите покажуваат дека горењето на луѓето е предизвикано со керозин, но не и со авионски бензин. Постои тонски запис поголем од 1 час и на него има се што се случувало во авионот, спротивно од она што го убедуваа светот дека станува збор за авионска несреќа. Се слушаат врисоците на патниците во авинот, вриштат хистерично, чувствуваат дека им се ближи смртта. На тонските записи е снимено едно од лицата, во авионот раговара со родител, му вели дека има страшни болки во нозете, а тоа е доказ дека сите се живи до  падот кај Ротимље. Непознати лица ми доставија видео снимка, на неа има воен авион што пали ракета и го погодува Кингерот, потоа авионот со стомакот слетува на тлото, па се крши задниот дел и на тој начин продолжува да се движи. Доаѓаат воени хеликоптери, не се знае од чија земја се, снимката е од птичја перспектива, излегуваат војници се гледаат како мравки, доаѓаат воени транспортери, излегуваат војници работат околу авионот и средуваат. На некои од нив од рацете им излегува пламен, тоа е моментот на атентатот. Имам тонски запис, каде од Скопје па до Мостар на два светски јазици непознати лица си честитаат за успешно завршена работа, потоа на видео снимката што ми е доставена има коментар на трет светски јазик“, тврди адвокат Игнат Панчевски.

Иако беше интересно да се слушне неговата приказна, истата не е ништо ново за јавноста, па со голем интерес побаравме објаснување зошто доказите ги чува во канцеларија додека во БиХ почна нова истрага за падот на Кингерот.

„Нема ни да ги предадам, улогата на Комисијата е да се амортизира работата, сега нема да бидат виновни пилотите, него јато чавки. Моите докази треба да се предадат на надлежни органи, а такви нема ниту кај нас ниту во БиХ. Ниту нашите судски органи, ниту босанските немаат надлежност врз војниците кои се припадници на мировните сили. Имаше случај еден војник припадник на  НАТО со сообраќајка го усмрти целото семејство на наш тогашен министер, нашите органи сфатија дека не се надлежни, па виновникот го пратија во својата земја каде не беше суден ниту една минута. Затоа сметам дека надлежен за овој случај е само Советот за безбедност при Обединетите Нации. Доколку Советот ги добие моите документи треба да ѝ се извини на земјава за целиот хаос што го направија, Македонија ќе ги добие сите признанија и ќе биде како што беше некогаш, оаза на мирот. Тие треба да ѝ помогнат, а не како со правосмукалка да го всисуваат целото богаство“, вели Панчевски.

Панчевски е добро запознаен дека сите го следат со неверување, но и покрај ова тој не чувствува потреба да ја убедува јавноста дека ја зборува вистината. Воопшто не е исплашен од моќта на „големите сили“ кои според него сакаат да стигнат до вистинските докази и да ги уништат.

„Јас не се бранам, ги имам доказите, тие што треба да знаат многу добро им е познато дека ја зборувам вистината. По моето неколку годишно појавување во јавноста, а особено по мојата прес-конференција во ноември минатата година каде обелоденив какви докази имам, веднаш наредниот ден босанските власти јавија дека ќе воведат истрага. Нивна цел е да ги уништат доказите. Јас сум само адвокат, работам во интерес на клиентите и во интерес на Македонија. Нашата власт досега требаше на раце да ме носи, поседувам документи кои можат земјава да ја вивнат во зенитот. Ова е во корист на иднината на земјата, но јас не можам само да одам во Советот за безбедност доколку власта не ме ангажира. Тоа ми е показател дека странскиот фактор успешно работи во елиминацијата на докази“, укажува  Панчевски.

„Поседувам документи поврзани со процесот за Караџиќ, но и за оној на Тарчуловски“

Мистериите околу Панчевски не се врзани само околу загинувањето на претседателот Трајковски. Информациите и доказите кои стигнуваат до него вели дека ги поседува преку клиентите кои доаѓаат кај него, а со нив како што посочува стигнуваат и доказите во неговата канцеларија. Тврди дека чува документи и за хашкиот предмет на Радован Караџиќ, а исто така вели дека има документ со кој може да се укине хашката пресуда за Јохан Тарчуловски.

„Поседувам документи поврзани со процесот за Караџиќ, но и за Тарчуловски. Јас сум адвокат, мојата улога има вистинско значење само кога сум ангажиран преку некого. До денес Владата не ме ангажираше за случајот со Бошковски и Тарчуловски. Хашката обвинителка Карла Дел Понте на адвокатите на обвинетите им велеше одете кај Панчевски, тој ги има доказите. Но, како адвокат сам не се нудам, ако некој ме побара тогаш дејствувам“, вели Панчевски.

Адвокат Панчевски е свесен дека доколку никој не го побара да ги предаде неговите откритија, вистината можеби никогаш нема да излезе на виделина. Доказите кои ни ги покажа во неговата канцеларија ги чува педантно завиткани со надеж дека ќе дојде времето на идни генерации кои како што вели навистина ќе работат за доброто на својата татковина.

„Ќе дојдете вие младите на ред, за инает ќе бидам трпелив и ќе стојам на нозе, ќе ви ја дадам шансата да направите нешто добро за Македонија. Овие сега што прават држат затворен круг во кој се вртат милијарди. Сето она што го прикажуваат дека се борат за демократија нема никаква врска. Држат 2 милиони гладни. Јас сум кажал, постојат банкарски сметки на 87 лица и од власта и од опозицијата каде си ги чуваат парите. Се сѐ гледа од сателит, но никој не ми рекол, ајде кажи кои се луѓето. Ќе дојдат младите што немаат ништо ниту спрема Грујо, ниту спрема Мујо, ниту према Бранко, ниту спрема Станко. Сега ниту новинарството е новинарство, ниту адвокатурата е адвокатура, ниту судството е судство, ниту полицијата е полиција, ниту бизнисот е бизнис. Се е гола импровизација, се одржува хаосот само за да си ги зачуваат милијардите“, дециден е Панчевски.

Како адвокат со големо искуство секојдневно е присутен низ судските институции, но нема баш пофални зборови за македонското судство.

„Не давам оценки, само ќе кажам Основен суд Скопје 1 стана полициска станица. Се што полицијата ќе помисли го реализира преку судот. Судството е уништено во име на реформите, граѓаните се изиграни и оштетени, намалена им е судската заштита. Во земјава има 2 милиони гладни, 5 илјади полни со пари, а останатите едвај преживуваат. Судот е само за оние што имаат пари. Судските такси се огромни, сликовите ќе ви појаснам со еден пример. Имав случај со едно лице кое примаше социјална помош. По смртта на неговата мајка се отвори оставинска постапка и тој како единствен наследник требаше да ја добие гарсониерата во која живееја. Меѓутоа судот му побара 12.000 денари за судски трошоци, тој немаше да ги плати. Се обратив до повисоките судови. Сите рекоа дека со префрлувањето на станот, тој станува имотен. Јас сум за да се почитуваат законите, но не проткаени со политика. Како може социјален случај со примања од 1.500 денари месечно да може да плати судски трошоци од 12.000 денари? Тој за да стане имотен мора да ги плати трошоците, па судиите ми рекоа нека позајми од пријатели, роднини. Ако државата нема доверба во него кога може во секој момент да ја конфискува гарсониерата за да ги наплати долговите, зошто пријателите и роднините би му верувале“, заклучува Панчевски. 


Автор: Паула Божиновски Објавено: 04.03.2013