/ Прочитано:

2.520

Адвокат Кристијан Поленак: Фокусот на сегашноста ја детерминира иднината на корпоративна Македонија

Од извонреден студент на правни науки до звучно име на македонската адвокатура: Кристијан Поленак е вонредно светол пример на докажан професионалец во областа на деловното право. Чувство на исполнетост од работата кај него произлегува, пред сè, од новите проекти и од градењето на практиката на пазарот. Според неговото видување, македонското општество доследно ги направило потребните прилагодувања за системот да функционира на пазарни основи; тие што не се прилагодиле на нив брзо ги снемува од сцената, а она што во извесна мера ги отежнува деловните процеси е менталитетот, недостатокот на изградена деловна култура и старите навики. Кон тоа ја додава и едукацијата на кадарот: иако има суперпродукција на високообразовани млади луѓе, бројот на вистински способните континуирано опаѓа кога станува збор за деловното право. Убеден е дека луѓето треба да се фокусираат на тоа што може да го сторат сега, да не чекаат некои идни настани да ги детерминираат активностите и утрешнината на земјата.

Студентот Кристијан Поленак — каков беше неговиот развоен пат низ факултетските клупи и кон што се развиваа неговите амбиции? Зошто неговата насока беше токму деловното право?

Како што веројатно претпоставувате, мојата определба кон правото во голема мерка се должи на опкружувањето во кое растев. Голем дел од моето потесно и пошироко семејство веќе со генерации се занимава со право, така што од мал бев „изложен“ на разговори во врска со правото, со судовите и со администрацијата. Во текот на студиите, кои ги завршив за извонредно кратко време и со добар успех, имав особена предност што можев да добијам совети од својот татко во врска со тоа на кои предмети треба да обрнам особено внимание и да ги проучувам од повеќе книги и извори, со цел да го зголемам нивото на знаење кое во тоа време се нудеше на Правниот факултет, особено од аспект на неговата практична примена.

Определбата кон деловното право настапи веднаш по студиите. Мојот прв контакт со практичната работа беше длабинска анализа на македонската тутунска индустрија за една од најголемите тутунски компании во светот, Филип Морис. Непосредно потоа, во 1996 година, бев ангажиран за длабинска анализа на законската регулатива на Република Македонија за потребите на Меѓународната финансиска корпорација, дел од Светската банка. Притоа, соработував со искусни корпоративни адвокати од САД,  кои ми го „отворија видикот“ во светот на корпоративната адвокатура. Градењето на знаењето одеше паралелно со развојот на практиката. Ако кон тоа се додаде зголемувањето на обемот на комерцијалните активности во приватниот сектор, континуираните новини во законската регулатива, зголеменото присуство на меѓународните компании, процесот на приватизација, акционерството како новина во корпоративниот живот, растот на кредитирањето, беше јасно дека во нашата адвокатска канцеларија некој треба да се посвети особено на овие прашања. Така, дури и несвесно, целото мое време го поминував во работа во оваа област.

Набргу, зад себе имав неколку сериозни проекти, во врска со финансиски аранжмани (финансирањето на Алкалоид АД, на Тутунска банка, на Македонијатурист, на Тетекс, на ЕСМ) неколку големи приватизациони зделки (Макстил, Телеком, Стопанска банка, претприватизацијата на ЕСМ), неколку големи трансакции (преземањето на Мермерниот комбинат во Прилеп, продажбата на Кредитна банка, влезот на ЕБРД во Комерцијална банка и во ИК Банка), како и основањето повеќе банки и осигурителни куќи (Еуростандард банка, Прокредит банка, Еуролинк). Потоа, дојде „златното време“ за корпорациите, па во периодот од 2005 до 2008 година работевме на извонредно интересни работи, како што беа финансирањето на ЕВН, продажбата на ИК Банка, влезот на ЕБРД во Тиквеш и во ТТК Банка, издавањето на државните обврзници, преземањата на осигурителни компании од страна на Vienna Insurance Group, UNIQA, Sava Re, учество на тендерите за ТЕЦ Неготино и за хидроцентралите Чебрен и Галиште, итн.

Тоа што кај мене вбризгува најмногу адреналин и чувство на исполнетост од работата се новите проекти и градењето на практиката на пазарот. На пример, работата на издавањето на првите корпоративни обврзници, издавањето на државните обврзници, работата на синдицирани заеми или други комплексни финансиски структури, преземањата, се ангажманите кои ми ги дале најголемите професионални предизвици. Се разбира, можноста да се посветам на деловното право беше помогната и со растот на нашата канцеларија, со што се створија услови за специјализација според областите. Со создавањето услови за формирање адвокатски друштва, од 2007 година работам како управувачки партнер на Адвокатското друштво „Поленак“ и заедно со моите партнери и колеги пружаме правни услуги на редица (најмногу странски) корпоративни клиенти и финансиски институции.

Во колкава мера ни претставува товар наследството од деловните односи на поранешниот општествен систем? Ни помага или ни одмага неговата тежина во напорите за унапредување на младата пазарна економија на Македонија?

Мислам дека ова прашање е веќе апсолвирано; денес нема ниту трага од поранешниот општествен систем. Македонија практикува пазарна економија повеќе од дваесет години. Иако тоа изгледа како краток период, во денешниот деловен свет работите се движат многу побрзо, па времето за прилагодување е сѐ пократко. Сметам дека ние, како општество, сме ги направиле потребните прилагодувања, системот функционира на пазарни основи, а тие што не се прилагодиле на овие околности брзо ги снемува од сцената. Тоа што можеби ни „одмага“ е менталитетот, недостатокот на изградена деловна култура, старите навики.

Каков е Вашиот впечаток за овдешната деловна средина? Што би требало да се промени или да се стави во преден план за бизнис опкружувањето да стане подобро и поконкурентно?

Секоја пазарна економија се базира на неколку основни постулати, како што се: конкуренцијата, правилата на понуда и побарувачка, претприемништвото, слободата на пазарот, итн. Доколку задржиме јасен и правилен курс кон запазувањето на овие постулати, како во општествениот така и во деловниот живот, резултатите нема да нѐ одминат. За жал, неретко се случува овие основи да бидат игнорирани поради определени краткорочни цели, па се среќаваме со нелогични и контрапродуктивни решенија. Втор сегмент кој би сакал да го споменам е едукацијата на кадарот. Иако има суперпродукција на високообразовани млади луѓе, бројот на вистински способните (читај: добро едуцирани, амбициозни и млади лица со капацитет за надградба) континуирано опаѓа, барем, што се однесува на мојата струка. Од друга страна, ние не сме држава, која е целосно отворена за увоз на работна сила. Либерализацијата на овој сегмент би помогнала во зголемувањето на конкуренцијата и во подобрувањето на квалитетот.

Ја следите ли ситуацијата во банкарскиот сектор? На кого повеќе му веруваат банките во Македонија — на граѓаните или на стопанствениците?

Со банкарскиот сектор професионално соработувам повеќе од 17 години како советник на некоја од домашните или меѓународните банки, на меѓународните финансиски институции, или како советник на нивните корпоративни клиенти. Според мене, банкарството е еден од најуредените сектори во деловното опкружување во Македонија, за што голема заслуга има Народната Банка на Република Македонија, како регулатор и како супервизор. Имајќи предвид дека банките се прецизно организирани финансиски институции, тие работаат по строго определени правила. Мислам дека добриот проект секогаш ќе најде пат до финансирање, било од домашни или од странски извори. Во последно време има раздвижување, се пласираат нови финансиски производи, конкуренцијата на пазарот се заострува, што на крајот ќе придонесе за полесен пристап до финансирање, како за корпорациите така и за граѓаните.

Како го гледате развојниот потенцијал на општините?

Финансирањето на општините е голем потенцијал, како за финансиските институции, така и за локалниот развој. Неговата досегашна искористеност е скромна. Општинските обврзници, директното задолжување, јавно-приватните партнерства, се само дел од арсеналот со кој може да се подобри финансиската кондиција на локалната самоуправа, а со тоа и квалитетот на услугите и условите за живеење на граѓаните.

Сте соработувале со повеќе домашни и странски правни лица заинтересирани за преземање други ентитети. Кои се нивните најголемите грижи во врска со таквиот подвиг? Кои иницијални прашања надвладуваат кога Ви се обраќаат странските клиенти?

Прашањата се различни во зависност од индустријата и од проектот. Сепак, најчести се прашањата за законската рамка околу корпоративното управување, правната сигурност, третманот на странските инвеститори, регулативата за преземање на акционерски друштва, заштитата на конкуренцијата, признавањето и извршувањето на странските судски и арбитражни одлуки, работните односи. Кај преземањата, вообичаено, се прави длабинска анализа на друштвото, кое се презема. Тогаш се анализираат сите детали околу предметното друштво, вклучувајќи го корпоративниот статус и управувањето, акционерската структура, усогласеноста со прописите, сопственоста на имотот, постоечките договори и обврските, работните односи, судските постапки, осигурувањето, интелектуалната сопственост, даноците. Сето тоа на крајот влијае на одлуката на инвеститорот да пристапи кон преземање, како и на цената на трансакцијата. Патем, ова не е специфично за Македонија, туку е стандард на кој било развиен пазар.

Каква порака им има испратено Македонија досега на странските инвеститори? Во што се огледа, според Вас, нејзиниот најголем потенцијал кога станува збор за привлекувањето странски пари?

За да може реално да се одговори на вашето прашање, мора да се земе предвид капацитетот на македонскиот пазар. Нашиот домашен пазар е нешто повеќе од два милиона потенцијални потрошувачи, или колку еден град во некоја од поголемите држави во светот. Оттука, за да бидеме атрактивни и конкурентни како пазар, мора да пристапиме кон мерки насочени кон зголемување на потенцијалниот пазар. Во таа насока, Македонија во континуитет склучува кон билатерални и мултилатерални договори, со кои го проширува пазарот. Од друга страна, понудата на ниски даночни стапки, посебните поволности за странските инвеститори, можноста за државна помош, се работи кои ни даваат компетитивна предност пред другите и може да придонесат кон формирање на одлуката да се инвестира. Можните нови инвестиции кои мислам дека ќе бидат актуелни на краток и среден рок се во областите на инфраструктурата, енергетиката, агросекторот. Се разбира, не треба да ги заборавиме постојните инвеститори, кои може да ги зголемат своите капацитети со нови инвестиции, како што е примерот со Џонсон контролс (со новата фабрика во Штип) или Vienna Insurance Group (со преземањето на Кјуби Македонија).

Како влијае приближувањето кон Европската унија врз корпоративна Македонија? Во кои нејзини домени гледате коренити промени поттикнати од големите европски инвеститори?

Ние имаме високо ниво на усогласеност на прописите со регулативата на Европската унија. Оттука, влијанието повеќе го гледам во подобрување на примената на постоечката регулатива отколку во некои нејзини коренити промени. Инаку, не мислам дека големите европски инвеститори чекаат Македонија да се приближи до Унијата за да пристапат кон инвестирање во Македонија. Верувам дека пазарните правила секогаш надвладуваат, така што треба да се фокусираме на тоа што може да направиме сега и да не чекаме некои идни настани да ги детерминираат нашите активности и нашата иднина.


Разговараше: Далибор Стајиќ Објавено на: 26.8.2013